Претседателката на Судечкиот совет кој го води случајот за упадот во Собранието на РМ, Добила Кацарска на самиот почеток од продолжението на денешното рочиште го опомена актуелниот градоначалник на Скопје и поранешен пратеник, Петре Шилегов да зборува погласно бидејќи никој не може да го слушне, објави А1он.
-Кога сте во Собрание викате, а кога ќе дојдете во суд не можеме да ве слушнеме, му се обрати судијката Кацарска на Шилегов.
На ова, актуелниот градоначалник одговори дека не вика од причина да не ги исплаши присутните во судницата.
-Не викам за да не исплашам некој, ако треба можам јас погласно не е проблем, рече Шилегов со повишен тон.
Шилегов на почетокот од сведочењето даде 10-минутно објаснување за конструкцијата на Собранието со цел да појасни колку е сложено да се стигне до прес центарот каде се случи нападот врз пратениците.
Градоначалникот на Скопје е втор сведок на денешното рочиште по пратеникот Мухамед Зеќири.