Македонија 10. септември 2019. / 09:12

Јовески: Фатиме и Ленче ќе може да постапуваат по предметите на СЈО

Јовески: Фатиме и Ленче ќе може да постапуваат по предметите на СЈО

Републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески вели дека Обвинителството е подготвено и има капацитет да постапува по сите кривично правни предмети од СЈО и оти се надева дека процесот ќе тече брзо.

Смета дека по преземањето на предметите и евентуално донесување на Законот за јавно обвинителство ќе се одлучи кои обвинители ќе постапуваат по предметите и не е исклучена можноста и досегашните обвинители да постапуваат по предметите.

– Јавното обвинителство на Република Северна Македонија беше известено со писмен допис дека јавните обвинители од Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите (СЈО) се овластени да ги достават предметите во ЈОРСМ. Следи взаемно договарање околу техничките детали за предавање на предметите, моментот и редоследот. Обвинителството е подготвено, има капацитет да постапува по сите кривично правни предмети. По пристигнување на предметите и нивно распределување по обвинителствата, постапувањето од страна на ЈО ќе тече согласно законските надлежности. Се надеваме дека процесот ќе тече брзо. – вели Јовески.

Советот на јавни обвинители, како што истакнува Јовески, после 15 септември треба да одлучи за статусот на јавните обвинители и нивното враќање во матичните обвинителства со оглед дека функцијата јавен обвинител во тие обвинителства им мирува.

– Доколку се донесе нов Закон за Јавно обвинителство, во него сигурно има одредби за нивниот статус. По преземањето на предметите и евентуално донесување на Законот ќе се одлучи кои обвинители ќе постапуваат по предметите, не е исклучена можноста и досегашните обвинители да постапуваат по предметите. – вели државниот јавен обвинител Јовески.