Македонија 05. октомври 2018. / 09:15

Јове и Филип бараат прошка од Мицкоски: Дај да разговараме!

Јове и Филип бараат прошка од Мицкоски: Дај да разговараме!

По референдумскиот резултат, нови моменти во ВМРО-ДПМНЕ. Фракцијата на Филип Петровски и Јове Кекеновски бара враќање во старото јато.

Демократската фракција на ВМРО-ДПМНЕ ги повикува сите демократски внатрепартиски сили на обединување на, како што велат, принципиелна основа.

„Заеднички и сплотени да ја одредиме иднината на државата. Обединување на внатрепартиските демократски сили на ВМРО-ДПМНЕ за поубава иднина на Македонија“, порачува фракцијата на професорот Јове Кекеновски.

Во оваа фракција сметаат дека поради политичките ставови на дневна основа и поради немање единствен став по однос на одржаниот референдиум, сегашното раководство на ДПМНЕ го доподели членството.

„Со својот глас на референдумот граѓаните, членовите и симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ ги освестија лабилните и неконзистенстни партиски раководни кадри. Без разлика на нашите досегашни ригидни ставови, во интерес на партијата и на иднината на државата сметаме дека е дојдено време да си подадеме рака. Сега е време за надградба на домашниот и меѓународен кредибилитет на државата и партијата. Секое тактизирање околу брзата реконструкција и обединување на прогресивните и чесни патриотски сили ќе значи дополнителна агонија и разнебитување на партијата“, се вели во нивното писмо.

Демократската фракција го повикува на отворен разговор партиското раководство за новите стратешки, програмски и кадровски постулати, кои, како што очекуваат, ќе ги возобноват компромитираното и руинирано партиско ткиво.

„Лажни промени и привидно единство не смеат да се дозволат, бидејќи потребна ни е победа на изборите. Потпирање на политичарие кои имаат „сопствен став на дневна основа” поттикнат од надворешни фактори не можат да донесат промени, нова визија и спас на државата, туку само ново залажување и порази. Партијата не може да се рециклира преку стариот поданички материјал и преку неконзистентните и набрзина донесени ставови. Потребна е реална и коренита промена! Нов тимски приод на работа и раководење. Потребна е јасна визија за тоа каде оди Македонија и каква улога треба да има ВМРО-ДПМНЕ во иднина – предлага ВМРО – ДПМНЕ Демократска фракција.

Партијата предупредува дека секој обид за игнорирање на овие начелни ставови како и обид за заштита на криминалците во редовите на партијата ќе биде повторно влегување во ,,чизмите” на поранешниот претседател на партијата.

„Исто така ги повикуваме пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да не подлегнуваат на уцени, закани и обиди за подмитување. Тие немаат мандат од македонскиот народ за негово обезличување. Спорот за името и иднината на државата не е прашање на една пратеничка група или на една партија, туку на целиот македонскиот народ кој јасно го кажа својот став на одржаниот референдум“, порачуваат од Демократската фракција во ВМРО-ДПМНЕ каде што фронтмени се Јове Кекеновски и Филип Петровски кои во изминатиот период беа критични кон новото раководство на ВМРО-ДПМНЕ до ниво од нив да доаѓаат поголеми навреди и обвинувања, од што доаѓаат од владејачката СДСМ.