Бојан Јовановски денеска ќе биде спроведен во Основното јавно обвинителство каде што ќе даде исказ во врска со кривичните пријави кои ги поднесе на 25 јуни против десетици актуелни функционери на власта за вмешаност во недозволиви дејности.
Како што алармираше адвокатот на Јовановски во таа пригода, додека Боки 13 бил во ОЈО и чекал да биде сослушан, тој и неговиот адвокат добиле телефонски повик од непознат број при што некој со мутиран глас се заканувал оти да внимава што зборува пред обвинителот, а адвокатот треба да внимава како се однесува неговиот клиент.
Според непознатиот човек, во спротивно, Дуковски и Јовановски ќе треба да внимаваат на своите животи и животите на нивните семејства.
Јовановски за случајот „Рекет“ беше осуден на девет години затвор заедно со поранешната специјалната обвинителка Катица Јанева која доби седум години затвор.
За време на пресудата и добивањето на деветте години затвор, Јовановски јавно порача дека милионските суми пари од рекетот треба да се бараат кај браќата Зоран и Вице Заеви.