На денешното рочиште за случајот „Рекет“ сведочеше поранешната специјална обвинителка Елизабета Јосифовска. Таа пред судот истакна дека од 2015 до 2018 година била во СЈО и била заменик на јавниот обинител Јанева, но немала надлежност да потпишува наредби за истрага.
За случајот „Империја“ не знае многу, бидејќи го водела обвинителката Стефанова. На еден состанок каде биле собрани сите обвинители, Стефанова доставила документ за отфрлање на мерката куќен притвор за осомничените во „Империја“, Јордан Камчев, Цветан Панделевски и Ненад Јосифовиќ, на што Јанева се спротивставила и побарала да изготви нов документ со кој се упатуваат во куќен притвор.
Јосифовска потврди дека го потпишала документот со кој се одобрува доделување на времена патна исправа на Јордан Камчев.
Подоцна разбрала дека тоа е по налог на специјалната јавната обвинителка и оти со тоа не се сложувала Стефанова, која била надлежна за тој случај бидејќи сметала дека може да избега и оти има и двојно државјанство.
-И кажав на Стефанова дека немам избор и оти тој акт морам да го потпишам, нагласи Јосифовска.