По завршувањето на првиот круг на претседателските избори на кои и таборот на Пендаровски и таборот на Силјановска Давкова прогласи победа, веќе ќе се размислува за комбинациите кои ќе се прават за добивање што е можно повеќе гласачи за конечна победа на еден од кандидатите. Резултатите досега јасно укажуваат дека е намалена поддршката за актуелната владејачка коалиција која не успеаа да создаде поголема разлика во однос на кандидатот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, дотолку повеќе што на „располагање“ ќе бидат и гласовите кои ги доби Блерим Река поддржан од Алијанса за Албанците и БЕСА, а тие пак пак секако, нема да се ангажираат да победи Пендаровски како кандидат зад кој официјално стои ДУИ бидејќи тие се нивните главни противници. Резултатите и очекувањата за вториот круг, Фактор ги анализира со Агим Јонуз кој смета дека се возможни нови комбинации кои би им го „загорчиле животот на владејачките СДСМ и ДУИ, а дека Заев нема повеќе време да „учи“ лекции и дека вчерашната е најголема досега.
Фактор: Првиот круг заврши со релативно слаба излезност на гласачите. Дали тоа навестува дека можно е во вториот круг да имаме неуспех на изборите, односно да не се исполни предвидениот цензус од 40%. Како ги коментирате резултатите по првиот круг?
Јонуз: Лично сметам дека амбиентот не доликува на висината на задачата, а тоа е избор на претседател на државата. Овие избори се максимално искористени за мерење на силите на терен меѓу СДСМ и ВМРО. Од друга страна ДУИ игра со двете страни. Цензус секако ќе има после овие официјални бројки, затоа што се охрабри опозицијата со податокот дека разликата е минорна и дозволува надеж за евентуален успех. Кога зборуваме за успех, подразбираме засилен ангажман во барањата за предвремени избори. Претседателските избори се во сенка на пропагандната војна помеѓу двете најголеми партии во време во кое двете страни со своите концепти „се преслушаваат“ на терен, црпејки правци за понатамошно делување на терен пред следните парламентарни избори кои може, а не мора да бидат предвремени. Секако тие се догодина пред порти.
Дали тесната разлика меѓу Пендаровски и Силјановска е одраз на немотивираност кај дел од албанските гласачи да дадат голема поддршка за кандидатот кој СДСМ и ДУИ го прогласија за консензуален, но бараме засега тоа не е така. Има ли влијание и разочараноста кај граѓаните од актуелните владини политики?
Јонуз: За познавачите на политиката не е изненадување ако се констатира дека владејачката коалиција има сериозен проблем со падот на својот рејтинг. Тоа најдобро го покажуваат бројките. Ако се земе во предвид дека два конгломерата со огромно гласачко тело (СДСМ и ДУИ) одвај издејствуваа мала разлика наспроти опозициониот кандидат, тогаш истовремено мора да се констатира и присуството на „разочараност и индиферентност“ кај огромен број на гласачи. Алармантна е малата разлика доколку Пендаровски однапред себеси се гледа како претседател. Сметам дека влегуваме во сериозни турболенции на политичката сцена. Поготово ако на крајот испадне дека победник би бил претставникот на опозицијата.
Може ли да очекуваме во пресрет на вториот круг да започне трката за добивање поддршка од албанските гласачи без кои и во минатото не било возможно да се избере претседател, што очекувате од Алијанса за Албанците и БЕСА, би се здружиле ли тие со ВМРО-ДПМНЕ контра коалицијата на СДСМ и ДУИ?
Јонуз: Ништо не би ме изненадило доколку во вториот круг се направат комбинации кои би им го „загорчиле политичкиот живот“ на владеачките коалициони партнери. Не е страшно тоа што политичката борба би се развила до предизвик да се излезе на предвремени парламентарни избори. Страшно е тоа што со тоа ќе трпи државниот интерес да се има стабилна политичка инсталација која ќе ја спроведе агендата на договорите и предизвиците на патот на евроинтегративните процеси. А дека можноста за „ценкање“ е отворена тоа е повеќе од јасно. Во сите комбнации, гласовите на господинот Река ќе го прогласат на крај новиот Претседател на државата. Во Македонија „политика – и се е можно“!
Со овие резултат очекувате ли да започне притисок од опозициските партии да се побараат предвремени парламентарни избори и кои лекции треба да ги научи сега Заев?
Јонуз: Заев нема време за учење лекции. Тој веднаш треба да преземе мерки на „дестилација“ на членството и комплетната екипа која работи со и за него. Поголема лекција од ова што се случи не е потребна. Дека избори ќе има тоа е повеќе од сигурно, но, дека сега и веднаш и СДСМ и ДУИ мора да направат некакви „мини ремонти“ во своите партии тоа е неминовно. Во спротивно, тоа што политиката на партиите ќе трпи не е толку страшно, туку се доведува во прашање генералната политичка стабилност во државата. А тоа може да биде погубно за позитивната еволуција на евроатлантските интеграции.