Македонија 28. август 2018. / 10:43

Јоханес Хан: Членството во ЕУ значи многу повеќе од реформи и владеење на правото

Јоханес Хан: Членството во ЕУ значи многу повеќе од реформи и владеење на правото

Членството во Европската Унија бара повеќе од многу важната реформа во владеењето на правото, рече еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан, на неформалниот состанок на лидерите од Западен Балкан кој денеска се одржа во Драч.

„Потребен е поттик за раст, вработување и просперитет за регионот на патот кон членството, тоа ќе биде одлучувачки фактор за да ги убедите вашите граѓани, како и оние во денешната ЕУ, дека нашите заеднички амбиции за членство во ЕУ ќе донесат придобивки за двете страни”, посочил еврокомесарот Хан.

Премиерите на земјите од регионот во албанскиот град Драч на неформалната средба разговараа на тема „Интеграција на регионалната економија“, но во фокусот на нивната средба беа и темите околу европската интеграција на земјите од Западен Балкан.

„Разговаравме за односите и заедничкото движење на патот кон члество во ЕУ. Разговаравме за иницијативите кои се во процес, како и за туризмот, кој во целиот регион оваа година имаше подобри бројки, но постои можност да се направи повеќе. Разговаравме за земјоделството и зголемувањето на размените во овој аспект. Најблиската иницијатива до реализација е формирање на центарот за одржлив технолошки развој во Црна Гора, која силно ја поддржуваме“, изјави албанскиот премиер, Еди Рама.