Обвинителството вели дека сѐ уште е рано за кривично-правна интервенција за директорка на Клиниката за кожни болести која се заразила со коронавирус при патување во Италија, а кога се вратила, наместо во самоизолација, пет дена одела на работа.
Од обвинителството за „360 степени“ велат дека во Кривичниот законик постојат две дела – едното е пренесување заразна болест и другото е непостапување по здравствените прописи за време на епидемија.
За едното докторката не може да се гони бидејќи во државата нема прогласено епидемија, додека за другото е сè уште рано бидејќи не се знае дали таа некого заразила.
Министерот за здравство Венко Филипче вчера најави дека по изборите директорката ќе биде разрешена од функцијата, а на новинарско прашање дали и кривично ќе одговара, тој ги повика другите институции да реагираат.
Етичка комисија на Лекарска комора утре ќе одлучува дали ќе и биде изречена јавна опомена на Нина Цаца Билјановска која не ги почитувала препораките за заштита од коронавирусот иако дошла од ризичен регион и со тоа го загрозила јавното здравје.
Велат не може да ја одземе лиценцата за работа на директорката на Кожна клиника бидејќи Јавното обвинителство нема започнато постапка против неа.