Македонија 29. јули 2020. / 18:30

Јаулески повеќе не е на чело на УМС: ВМРО-ДПМНЕ распиша повик за нов претседател

Јаулески повеќе не е на чело на УМС: ВМРО-ДПМНЕ распиша повик за нов претседател

ВМРО-ДПМНЕ распиша јавен повик за избор на претседател на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ

Огласот ќе биде активен до 15.8.2020 година, а деталите околу огласот се содржани во јавниот повик објавен на веб-страницата на ВМРО-ДПМНЕ.

„ВМРО-ДПМНЕ ги охрабрува сите членови на партијата кои ги исполнуваат условите да аплицираат и да дадат свој придонес во борбата за подобра иднина на нашата татковина. Процесот на освежување ќе продолжи во периодот пред нас“, велат од партијата.

Преку објава на „Фејсбук“ се огласи и досегашниот Претседател на Унија на млади сили на ВМРО – ДПМНЕ која ги поттикнува сите они кои во своите срца носат искрена љубов кон Македонија, сите оние кои се спремни да одговорат на предизвикот кој нема да е така лесен, сите кои ги исполнуваат условите, сите кои имаат силна желба и веруваат во себе – да се пријават на Повикот за кандидирање на нов претседател на УМС и да се борат водејќи се од идејата на ВМРО за просперитетна и силна Република Македонија и за подобар статус на младите.

 

Секој почеток има и свој крај, а мојот како предводник на најсилната и најдобро организираната младина во Република Македонија е овде и тоа е поради возрасната граница која веќе не ми дозволува да бидам на чело на Унијата на млади сили.
Но, тоа не значи крај и на нашето пријателство кое го стекнавме и е многу силно, не значи крај на нашето единство кое го создадовме во изминатите две години откако ја презедов функцијата. Вие бевте и секогаш ќе бидете посебен дел од мојот живот бидејќи со вас ги поминав најубавите години од него. Секој еден член, секој општински комитет, месен, секоја комисија се длабоко вмрежени во мојата меморија и таму ќе останат засекогаш. Јас сум ви премногу благодарен и горд сум на сите вас и на поддршката што ми ја дававте, на вашата несебична посветеност во работењето, во креирањето на младинските политики и градењето на најсилниот бренд во партијата која ја прави силна и цврста, а тоа е УМС, напиша Јаулески.

Тој им се заблагодари и на Извршниот комитет, за кој како што вели е, „тимот со кој овие две години буквално ја ,,изоравме” цела Македонија, посветено работевме за да го издигнеме УМС на пиедесталот и да биде најмоќна политичка младина во Македонија, но и пошироко.

Сакам да се заблагодарам и поклонам на сите претседатели на општинските комитети на УМС, раководствата, комисиите и членовите за сите непреспиени ноќи, сите одделувања од оној лагоден живот и силната и жестока борба на терен кои исто така, резултираа со една силна организација како што е УМС. Вие сите сте нераскинлив дел од мене и тоа ќе бидете засекогаш!

УМС мора да продолжи понатаму и да биде уште посилно и да нижи нови и поголеми успеси, да продолжи да биде гласот на младите, носител на прогресот и генератор на младинските политики и со својата бунтовност и љубов кон татковината да направи да биде подобро место за живеење, додава Јаулески.

Според него УМС е најчистото ткиво во ВМРО – ДПМНЕ, тука како едно семејство функционираат најчистите млади во Македонија и затоа, да се задржи чиста УМС значи силна ВМРО – ДПМНЕ и силна Македонија.

Тој верува во сите како што и тие верувале во него.

Ви благодарам за секој поминат момент заедно, за секоја активност и секоја дружба. Јас продолжувам и понатаму рамо до рамо со вас во Собранието на Република Македонија да бидам вашиот глас, да ги испорачувам вашите потреби и жестоко да се борам за да обезбедиме подобар живот за младите во Република Македонија. Да сте ми здрави и живи!, заврши Јаулески.