Македонија 02. јуни 2020. / 16:11

Јаулески: Испитната сесија на факултетите да се спроведе онлајн поради ризик од ширење на вирусот

Јаулески: Испитната сесија на факултетите да се спроведе онлајн поради ризик од ширење на вирусот

Во оваа криза која што се најде Македонија со коронавирусот, секој ден се забележува пораст на новозаразени, а засегнати се и студентите, напиша претседателот на УМС на ВМРО-ДПМНЕ, Јован Јаулески на Фејсбук.

-Да нагласам дека во ситуација кога академската година сѐ уште не е завршена, потребни се одлуки кои што нема да го стават здравјето на студентите во прашање, во однос на условите во кои што треба да се одржат испитните сесии.

Затоа Унијата на млади сили на ВМРО – ДПМНЕ апелира:
– Испитната сесија на факултетите да се спроведе онлајн, затоа што со физичкото присуство на студентите се зголемува ризикот од новозаболени и ширењето на вирусот меѓу студентите.
– Им посочуваме на надлежните органи и факултетите кои донеле #одлука за спроведување на испитите со физичко присуство на студентите, да ја преиспитаат, затоа што со оваа одлука ќе се загрози здравјето на студентите и на професорите.

Имено, студентите коишто доаѓаат од други градови не би можеле да стигнат на испитниот термин, во ситуација во која имаме редуциран возен ред на ниво на цела држава.
Студентските домови се затворени, тоа значи дека студентите ќе имаат дополнителни трошоци додека трае испитната сесија. Ваучерите кои ги најави Владата, сеуште не се достапни за студентите и истите нема да бидат доволни за основните потреби на студентите во однос на превоз, сместување и храна.

Сметаме дека со оваа одлука дополнително ќе се оптоварат студентите и нивните семејства. Во ситуација кога во државава имаме секојдневно отпуштање на вработените, а огромен број на семејства се оставени буквално без приходи, тешко е да се одвои од семејните буџети за дополнителни трошоци за студирање.
Затоа во овој момент потребни се одлуки кои нема да ја попречат испитната сесија, а студентите ќе ги полагаат испитите на безбеден начин, без да се зголеми ризикот од ширење на коронавирусот и без да прават дополнителни трошоци на свој товар или на нивните семејства, напиша Јаулески на Фејсбук.