Во Република Македонија постои потреба од попис на населението, но само по препораките на ОН и регулативите на ЕУ кои се однесуваат на пописот, а не вака со насила донесен закон, без вклучување на најголемата опозициска партија ВМРО – ДПМНЕ и без прифаќање ниту еден амандман, рече Јован Јаулески од собраниската говорница.
Според него, ова не е во интерес на граѓаните на Македонија и ќе фрли сомнеж во точноста на податоците од пописот и нема да ја даде вистинската слика на резидентното население во државата.
Понатаму, начинот на попишување на лицата кои се на привремена работа или престој во странство (чл.8), особено можноста да истите се попишат преку електронска апликација, нема да ја даде вистинската слика за лицата кои се надвор од државата повеќе од една година и кои не спаѓаат во групата на резидентно население. Вака дефинираниот начин на попишување, ќе овозможи сите лица кои се на привремена работа подолго од една година да ги впишете во резиденти, смета Јаулески.
Тој како што вели, си го поставува прашањето: – Дали на овој начин сакате да прикажете политика дека сте ги вратиле младите назад во државата? Знаете, оние повеќе од 600.000 за кои тврдевте дека се иселени од Македонија.
„И вака поднесениот закон доколку не го повлечете и доколку не се отвори широка дебата и се постигне консензус, ВМРО – ДПМНЕ ќе поднесе иницијатива до Министерството за правда и преку подрачните канцеларии ќе собере потписи за поднесување предлог закон за поништување на овој закон, затоа што ваквиот не е прифатлив и фрла сомнеж и на граѓаните, но и на сите општествени чинители“, рече Јаулески.