Македонија 05. јули 2018. / 15:03

Јанушев: ВМРО-ДПМНЕ нема да учествува во кршењето на процедурите и капитулацијата

Јанушев: ВМРО-ДПМНЕ нема да учествува во кршењето на процедурите и капитулацијата

Денеска власта преку незаконска процедура, со грубо кршење на правните прописи, сама го носи договорот со Грција кој во својата суштина е противуставен и во спротивност со државните и национални интереси, изјави денеска Игор Јанушев, генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ.

Со тоа што се прибегнува кон груба злоупотреба на прописите, злоупотреба на европското знаменце само за да овој штетен договор се донесе, њ јасен показател дека власта, парламентарното мнозинство и премиерот Заев се свесни за неговата штетност и деструктивност, но и покрај тоа сакаат да го донесат овој договор. Токму затоа ВМРО-ДПМНЕ нема да биде соучесник во капитулацијата, во кршењето на процедурите, напротив ние жестоко се противиме на сето ова.

ВМРО-ДПМНЕ и нашата пратеничка група одлучија да не присуствуваат на денешната седница каде се носи незаконски и неуставен договор кој преставува деградирање на македонските граѓани и е во спротивност со највисоките државни и национални интереси.

ВМРО-ДПМНЕ нема да биде соучесник и се противи на акт со кој се предвидува промена на Уставот со цел промена на уставното име. Акт со кој се определува бришење на зборот Македонија, се задира во суштината на идентитетот и се врши трајно осакатување на државотворните белези на државата и идентитетот на македонскиот народ. Ова не е нешто за што може да се слави. Капитулациите секаде во светот е срамен чин.

Воедно очекуваме овој противуставен акт да не биде потпишан од страна на претседателот на државата бидејќи негова прва должност е заштита на државните интереси и заштита на Уставот на Република Македонија.