И со мал број на тестирања кои ги прави власта со цел да се глуми нормализација, Велес станува ново жариште на опасниот корона вирус, пишува во фејсбук статус Игор Јанушев, генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ.
Вели дека бројката на новозаразени расте и во Велес се потребни итни мерки за спречување на ширењето од корона вирусот.
– Пред 2 дена беа регистрирани 4 нови случаи на Ковид 19, додека вчера во статистиката имаме 5 нови случаи на корона, или најмногу заразени во Македонија. Според официјалната статистика во Велес има 86 заразени и, за жал, 3-ца починати. Се поставува прашањето дали Велес станува новото жарите на опасниот корона вирус и што локалните и централните власти превземаат за да го спречат натамошното ширење на заразата. Фактите говорат дека властите немаат контрола на ситуацијата во Велес, пишува Јанушев.
Тој потсетува дека 10 дена Центарот за јавно здравје нема директор, откако претходниот директор беше разрешен поради нерегуларности.
-Од Филипче не слушнавме што открил Државниот санитарен и здравствен инспекторат во овој случај. Според “штурите” информации се работело за несоодветни постапки на водење на заразените од Ковид 19, не им се правело епидемиолошки анкети, а вработените не носеле заштитна опрема. Дали е ова само една од причините за сегашната состојба на зголемување на бројот на заразени?, прашува Јанушев.
Дополнително прашува зошто во една приватна фирма, каде што поголем број од новозаразените работат, институциите не реагирале навремено да се спречи ширење на заразата? Вработените стравуваат за своето здравје и се жалеа за условите во кои работат. Дали е точно дека возач на автобус со кои се превезувале работниците е еден од ново заразените?
-Според информациите кои доаѓаат до мене, велешани, како и секаде низ Македонија, повеќе од 5 дена ги чекаат своите резултати, а додека не ги добијат резултати одат на работа. Изминатиов период неколку мои сограѓни морале да се тестираат и по втор пат бидејќи нивните тестови биле изгубени, вели Јанушев и додава дека, „не видовме никаква реакција од страна на надлежните за првиот случај на заболен од Ковид 19 во Велес, раководител на едно подрачно одделение во Велес, каде според сведоштвата на велешани, не се придржувала до препораките од здравствените власти, и како последица вирусот го пренела на неколку вработени во претпријатието, а за жал имаше и починати велешани“.