Активностите во рамки на „Разговори за обнова на Македонија“ покажаа дека граѓаните не гледаат и не очекуваат никакви решенија од Зоран Заев. Над 40.000 граѓани разочарани од криминалот, корупцијата и неспособноста на владата на Заев, се обратија во рамките на акцијата посочувајќи ги проблемите, но и нудејќи идеи и проекти, изјави денеска генералчниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев.
На денешната прес-конференција тој рече дека, охрабрени од големата поддршка на акцијата „Разговори за обнова на Македонија“, ВМРО-ДПМНЕ од денес упатува јавен повик за учество во изработката на Програмата на ВМРО-ДПМНЕ за предвремените парламентарни избори до сите невладини организации, здруженија на граѓани, синдикати, стопански и останати комори, и останати заинтересирани субјекти да се вклучат во нејзината изработка.
Сите заинтересирани, своите проблеми, согледувања, предлози, идеи Јанушевц ги повика да ги достават на и-меил адресата [email protected] најдоцна до 30.11.2019 година, а испратените материјали ќе бидат разгледани од страна на тимот на ВМРО-ДПМНЕ кој работи на изготвување на програмата, предводен од Трајко Славевски.
–Очекуваме оваа нова алатка на комуникација да даде нов и квалитативен придонес во рамки на нашата акција и подготвувањето на изборната програма. Ние сме убедени дека граѓаните и сите чинители во државата кои и сакаат подобра иднина на Македонија ќе се вклучат и ќе помогнат во изготвување на победничката изборна програма, која без сомнение ќе биде темелот на кој принципиелно ќе се гради идната владина програма – изјави Јанушев.