Македонија 15. мај 2018. / 15:54

Јанушев од ВМРО-ДПМНЕ: Заев да каже за што се преговара за името и да свика лидерска средба

Јанушев од ВМРО-ДПМНЕ: Заев да каже за што се преговара за името и да свика лидерска средба

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска повторно го повика премиерот Зоран Заев да каже што се преговара за името и кои се следните чекори и потсети дека три дена трае молкот од владата и од Заев за итна лидерска средба на која ќе се разговара за деталите и тековите на најважното прашање на граѓаните на Република Македонија, прашањето за името.

„Единствените информации со кои располага македонската јавност се оние од грчките медиуми. Дополнително на ова претходеше еден процес на ретерирање во изјавите на премиерот и владините претставници околу прашањето за организирање на референдум и неменување на Уставот, што само ги зголемува дилемите дека работите се движат во непосакуван правец за Република Македонија.

Оттука и дилемата што се јавува кај сите нас, што крие премиерот Заев и ако има некаков договор кои се деталите за истиот? Јавноста, граѓаните, сите Македонци имаат право да ја знаат вистината. Прашањето за името не е суверено право на Заев и тој не смее да се однесува како да има монопол кон истото“, изјави на прес-конференција генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев.

Тој јавно го повика Заев да излезе јавно и да каже што се преговара и што е она што следи.

Јанушев додаде дека целата ситуација наликува на процес во кој Заев Македонија ја става пред свршен чин и праша дали решението кое се договарате или веќе е договорено значи капитулација на Република Македонија.

„Нема ниту една причина да нема итна лидерска средба. Власта се плетка во сопствените лаги и лажни надежи искреирани за народот. Кажаа дека претседателот Иванов не е тука, а тој е тука. Кажаа дека проблем бил терминот на одржување на средбата, а досега лидерите не се воопшто исконтактирани за можен термин.

Итната лидерска средба ќе помогне, никако не може да одмогне“, рече Јанушев.