Македонија 11. октомври 2019. / 14:04

Јанкович: Можно е одредено одложување на влезот во НАТО поради Шпанија

Јанкович: Можно е одредено одложување на влезот во НАТО поради Шпанија

Може да очекуваме одредено одложување поради процесот во Шпанија, но ние сме сигурни и се надеваме дека процесот ќе заврши најбрзо што е можно, вели шефот на канцеларијата на НАТО за врски во Скопје Зоран Јанкович. Ако се случи одредено одложување, формалното пристапување во Алијансата не мора да се врзува за самит или одреден министерски состанок.

Шпанските предвремени избори може да го одложат формалното пристапување на Македонија во НАТО на лондонскиот самит во декември, вели полковникот и шеф на канцеларијата на НАТО за врски во Скопје Зоран Јанкович. Тој во интервју за Радио Слободна Европа што во целост ќе биде објавено в недела, вели дека досега веќе 22 земји членки го ратификуваа протоколот и дел од нив ги депонирале во Вашингтон инструментите за ратификација, но се уште се чека на останатите седум земји да го завршат процесот, за кој како што вели, не е во надлежност на НАТО, туку на националните влади.

Ние очекуваме наскоро многу од останатите земји да го ратификуваат протоколот. Сепак, Шпанија во моментов е без влада, бидејќи е во предизборен период, така што може да очекуваме одредено одложување поради овој процес во Шпанија, но ние сме сигурни и се надеваме дека процесот ќе заврши најбрзо што е можно, вели Јанкович.

Тој додава дека и ако се случи одредено одложување, формалното пристапување во Алијансата не мора да се врзува за самит или одреден министерски состанок.

Вие може да станете полноправна земја членка на НАТО на кој било датум, веднаш откако последната земја ќе го ратификува протоколот, додава Јанкович.