Словенија, можеби не е обединета за многу внатрешни прашања, но кога станува збор за нас, оваа држава безусловно не поддржува.
Така, пратениците на партијата на Јанез Јанша, ја дадоа поддршката за ратификација на Протоколот за НАТО.
На вчерашната седница на Комитетот за надворешни работи за нацрт-законот за ратификација на Протоколот за НАТО за пристапување на Република Северна Македонија, словенечката демократска партија, која што победи на последните парламентарни избори, но не успеа да формира влада, даде поддршка за нас.
Во дискусијата учествуваше и претседателот на СДС Јанез Јанша, кој укажа дека Словенија е од самиот почеток една од главните сојузници на евроатланскиот пат на Македонија.
– На нашиот предлог пред 11 години, НАТО Алијансата за прв пат одлучи за пристапот на Македонија. За жал, тогаш неуспешно. Мислам дека во април 2008 година во Букурешт на Македонија и беше ветено дека одлуката ќе биде донесена истата година. – порача Јанша кој додаде дека во наредниот период, по Букурешт, Македонија морала да плати висока цена, односно да го промени името.
Јанша потсети дека сепак иако за новото име немаше државен консензус, поголемиот дел од граѓаните се изјаснуваат ЗА влез во воената алијанса.
– Ако би сакале да се ставиме во нивна ситуација, тогаш треба да се разгледа како ќе се чувствуваме, ако треба да влеземе во НАТО или да пристапиме во ЕУ со промена на името на државата. – порача Јанша и додаде дека во секој случај Македонија усшешно ќе стане членка на Алијансата.
Лидерот на демократската партија потврди дека Словенија ќе остане силен поддржувач на Македонија и на патот кон Европската унија.
Инаку денеска словенечкиот Државен збор даде зелено светло за интеграција на Македонија во НАТО.