Изјава на Катица Јанева откако излезе од обвинителството каде даваше исказ во врска со случајот „Рекет“.
Специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева предмалку излезе од ОЈО каде беше на распит за случајот „Рекет“. Како што посочи таа, била повикана во својство на сведок.
Јанева не сакаше да открие детали околу распитот, нагласувајќи дека станува збор за истрага.
– Ќе има судење, ќе се гледаме на суд – им рече Јанева на новинарите кои ја бомбардираа со прашања.
Тие ја прашуваа зошто нејзиниот телефон бил предаден во ОЈО откако бил форматиран. Јанева демантираше такво нешто.
На прашањето дали знае кај завршиле парите, Јанева одговори да.
–Ова е истрага и во истрага не се споделуваат информации. Ќе има најверојатно судење и таму ќе се кажат работите. Два мои телефони што сум ги користела се на анализа во обвинителство. Дали истрагата ќе се води и против мене – не знам. Не, не чувствувам вина. Не знам дали во случајот има инволвиран и политичар – беа одговорите на бројните прашања на новинарите по излегувањето од распитот.
На крајот, адвокатот ја посоветува дека не е на распит, да не одговара на новинарски прашања, по што ја повлече да си одат.