Македонија 27. август 2019. / 09:43

Јанева и Вангеловски во ист ден пред разрешување

Јанева и Вангеловски во ист ден пред разрешување

Судскиот совет денеска, според најавите, ќе се наврати на прашањето за утврдување одговорност на претседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски кое остана отворено на последната седница пред летната ферија. На денешната седница ставени се неколку точки за утврдување одговорност на судија/претседател на суд, како и одлучување по жалбата на одлуката од последната седница за суспендирање на поранешниот претседател на Кривичниот суд во Скопје, Владимир Панчевски, пишува „Независен“.

Проценките се дека новоизбраниот член на Судскиот совет Миљазим Мустафа, кој беше избран по предлог на новиот шеф на државата Стево Пендаровски, во изминатите четириесетина дена ги проучил материјалите во врска со предлогот за разрешување на Вангеловски, кој беше „замрзнат“ на седницата што се одржа на 17 јули. Тогаш точката за Вангеловски беше одложена затоа што Мустафа изјавил дека доцна ги примил материјалите од извештајот на тричлената комисија од Судскиот совет, која предложи разрешување на првиот човек на Врховниот суд.

Но и за време на феријата Вангеловски беше актуелен во јавноста, како што и Врховниот суд деновиве сè почесто се спомнува во политичко-правни кругови во контекст на аферата „Рекет“. Причина за тоа е начелното правно мислење што го донесе Врховниот суд, а според кое е незаконско сè што СЈО преземало по 30 јуни 2017 година. Со тоа, практично, му беа врзани рацете на СЈО во однос на случајот „Империја“ во кој првоосомничен е бизнисменот Орце Камчев, кој, пак, потоа го пријави „Рекет“ во Јавното обвинителство.

Допрва ќе се утврдува дали е коинциденција тоа што Врховниот суд непосредно по отворањето на „Империја“ го донесе начелното правно мислење во однос на СЈО, што, пак, повеќе правни експерти го оценија како скандалозно. Но, прашање е дали е случајност и тоа што денеска паралелно ќе се одлучува и за евентуално разрешување на Вангеловски, но и за можно поведување постапка за разрешување на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, откако ѝ беше одреден притвор како на третоосомничена во „Рекет“.

Денеска ќе заседава и Советот на јавни обвинители, кој, како што се најавува, ќе расправа дали ќе почне постапка за разрешување на Јанева, за што потоа би требало да одлучува и парламентот со двотретинско мнозинство. Седницата на Советот на обвинители ќе биде затворена за јавноста, поради тајноста на истражната постапка што е во тек.

И Судскиот совет зад затворени врати ќе расправа за иницијативите за разрешување на судии. Барањето за разрешување на првиот човек на Врховниот суд е во „пакет“ со уште двајца негови колеги од судот кои му го укинаа притворот на бизнисменот Сеад Кочан, по што тој извесно време беше во бегство.

Што се однесува до специјалната обвинителка Јанева, нејзиниот мандат, согласно со законот за СЈО, завршува на 15 септември. Прашањето за нејзино разрешување или прекинување на мандатот се отвора поради тоа што ова обвинителство, од друга страна, има мандат од пет години, со можност за продолжување од по една година. Мандатот, пак, на обвинителите кои се ангажирани по предлог на Јанева не може да го надмине мандатот на специјалната обвинителка.

Целиот текст можете да го прочитате ТУКА.