Телефонот кој специјалната обвинителка во оставка Катица Јанева наводно го изгубила бил пронајден кај нејзината потенцијална снаа, поточно девојката на син и, брифираат извори од истрагата, пренесува Република.
Од Јавното обвинителство претходно информираа дека специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, сепак, не го загубила вториот мобилен телефон во Белград, како што тврдела во истрагата за случајот „Рекет“, туку „го подарила“ на друго лице.
Кога Обвинителството го пронашло телефонот образложението било дека тој бил подарен. Претходно како што обелодени обвинителката Вилма Рускоска, синот на Јанева тврдел дека телефонот е изгубен во Белград.
Извештајот од вештачењето на едниот телефон е веќе во рацете на Рускоска, но детали не се соопштуваат. Вториот телефон кој е пронајден веднаш е даден на вештачење.
Инаку Јанева која официјално беше на боледување, вчера беше снимена во скопски салон за убавина, а денеска се појави на работното место во СЈО, каде даде изјава.