Македонија 14. април 2019. / 21:36

Извинување од „Лидер“ за неетичкото известување за загубен човечки живот

Извинување од „Лидер“ за неетичкото известување за загубен човечки живот

Почитувани читатели,

Голема несреќа се случи по денешниот митинг на владејачката СДСМ во Скопје, кога од срцев удар почина граѓанин кој од внатрешноста дошол на митингот.

Порталот „Лидер“, прв извести за случајот, по информација добиена од лице место. Но, за наше жалење, ја поминавме границата.

На нашите читатели им се извинуваме за контекстуализацијата на веста, која беше насловена “Почина човек на митингот на СДСМ – народот ограден во кафез (ВИДЕО)”, во која, смртниот случај го поистоветивме со лицемерието кое власта го направи со поставувањето на огради на протестот (нешто за кое порано СДСМ и Пендаровски ги критикуваа конкурентите).

Сепак, колку и да се работи за лицемерие, целосно е неетички од наша страна што несреќниот случај го поврзавме со „кафезот“. Работата на новинарите е да го вадат на површина јавниот интерес, но, во се треба да постојат граници. Дежурната новинарска екипа на „Лидер“, ја надмина границата – недозволиво е една трагична човечка судбина да се користи како метод за разобличување на лицемерието на власта.

Изразуваме длабоко сочувство до семејството на почининатиот и се извинуваме доколку сме нанеле дополнителна болка, водени од нашата желба контекстуализирано да известуваме.

На нашите читатели им ветуваме дека во иднина ваква грешка нема да се повтори.

Во минатото македонската јавност беше сведок на политичка злоупотреба на човечки животи, како случајот со Мартин Нешковски или случајот „Смилковско езеро“. Оваа спирала мора да престане.

За нашиот текст не дојде реакција од никој политички субјект, ниту од семејството. Но, сепак, сами ја детектиравме нашата грешка и се извинуваме.

Љупчо Златев, главен уредник на „Лидер“.