Македонија 04. јули 2019. / 00:35

Извинување на „Лидер“ до Виолета Чадиковска – еве го нејзиниот демант

Извинување на „Лидер“ до Виолета Чадиковска – еве го нејзиниот демант

Вечерва на нашата веб страница, без знаење на главниот уредник Љупчо Златев, се појави информација дека сопругата на претседателот на ЗНМ Младен Чадиковски, Виолета Ристоска-Чадиковска, била поставена за директор на Државна лотарија.

Веста беше направена без да се запазат професионалните стандарди, по надворешно влијание, кое во моментов редакцијата го истражува.

Виолета Чадиковска не е директор на Државна лотарија, туку веќе неколку години работи во сосем друга институција.

Лажната вест, која осамна на нашиот портал, ќе биде повлечена. Сметаме дека без знаење на уредникот на порталот, оваа вест во нашата редакција беше подметната, поради вчерашното обединување на сите новинари во Република Македонија против арогантното однесување на ген-секот на Владата Драги Рашковски. Нас не поддржа и сопругот на госпоѓата Виолета Ристоска-Чадиковска, како претседател на ЗНМ. Им се извинуваме и на Виолета и на Младен за оваа несакна ситуација, а во прилог прочитајте го целиот демант на госпоѓата Виолета Ристоска-Чадиковска:

Вечерва ( 03.07.2019) порталот Лидер објави дезинформација со цел да го нарушат мојот углед, како и угледот на мојот сопруг.

1. Во Државна лотарија од септември 2011 година, бев ангажирана како хонорарец.

2.Државна видеолатарија е различен правен субјект од Државна лотарија.

3.Во Државна видеолотарија сум од почеток на формирањето на компанијата до денес на истата позиција, директор на маркетинг сектор, значи од 01.09.2013 година.

4. Директор не сум била, ниту сакам да бидам.

5. Мојата позиција во маркетингот на Државна видеолотарија, ја прифатив на убедување на тогашниот директор, Дане Кузмановски, исклучиво поради моите професионални способности.

Факт е дека ширењето на шпекулација со цел да го наруши угледот на мојот сопруг Младен Чадиковски и мојот професионален кредибилитет не е НОВИНАРСТВО, туку ширење на манипулации со одреден интерес на медиумот.

Мојот професионален идентитет секогаш го градев и го градам независно од професионалните избори на мојот сопруг, врз основа на моето знаење и вештини.

Инсистирам поради тоа да не бидам дискредитирана од разни центри на интерес кои сакаат да му наштетат на моето семејство.

Барам повлекување на дезинформацијата и објава на овој демант во насока на тоа дека јавноста има законско право да ја знае вистината.