Македонија 17. април 2018. / 17:52

Извештај на ЕК: Македонија доби чиста препорака, но мора да престане со партиските вработувања

Извештај на ЕК: Македонија доби чиста препорака, но мора да престане со партиските вработувања

Македонија денеска од Европската Комисија доби чиста препорака за почеток на преговорите со ЕУ.

Во извештајот освен пофалбите за заложбите на владата, беа евидентирани и неколку точки кои треба да се унапредат.

Според извештајот, за вработување и за унапредување во јавната администрација сеуште се користи споилс системот, односно се вработуваат и унапредуваат блиски луѓе кои не се заслужни за таа позиција или за тоа работно место. Според ЕК за да се реши овој проблем потребна е силна политичка заложба.

-Земјата е умерено подготвена за реформите во јавната администрација. Добар напредок е направен со адаптирање на Стратегијата за реформа на јавната администрација и Програмата за реформи во управувањето со јавните финансии. Конкретни напори беа направени за зголемување на транспарентноста и одговорноста, како и вклучување на надворешни страни за креирање на политиките. Капацитетот на Министерството за информатичко општество и администрација треба да се подобри за водење и координирање на реформата во јавната администрација. Потребна е силна политичка заложба за гарантирање на професионализмот во јавната администрација, особено за високите управни назначувања, и почитување на принципите за транспарентност, мерит-системот и еднаквата застапеност во согласност со законот. – стои во извештајот за напредокот на државата.