Изет Меџити се враќа во Собранието, но нема да се откаже од интерпелацијата најавена против вицепремиерот за политички систем, Артан Груби. Меџити вели дека неговиот пристап кон Собранието ќе биде конструктивен и критичен.
– Ќе продолжам во Парламентот да ги поддржувам и да ги критикувам таму каде што грешат. Опцијата за интерпелација останува, вели Меџити.
Претседателот на ДУИ Ахмети по осум-часовниот состанок на централното раководство во Тетово, изјави дека во ДУИ не останало ништо неразјаснето. Додаде дека не се зборувало за разрешување на Груби. Ахмети ги опиша несогласувањата меѓу групите како лутење.
– Да, да, да, не остана ништо необјаснето до последниот атом. Немаше точки каде што не се согласувавме воопшто. Можеби некој се налутил или имало недостаток на соодветни информации но сите работи во основа се разјаснети и целата работа е на добар пат за да преземеме нови одговорности и да ги придвижиме работите напред. Воопшто не се зборуваше за оставка. Разговаравме за принципи, стратегии, програми и задачи што нè очекуваат, додаде тој.
По формирањето на Владата, групата на потпретседателите Изет Меџити, Муса Џафери, Садула Дураку и градоначалникот на Сарај, Блерим Беџети излегоа како незадоволна формација од владиниот тим на ДУИ, а Меџити, како координатор на пратеничката група, не се појавуваше во Собранието неколку недели. Оваа група и се состана неколку пати за да исдпрати директна порака за нивното незадоволство, но се чини дека состанокот во саботата ги смири страстите во ДУИ. Ахмети веќе неколку пати повтори дека нема да има реконструкција на владиниот кабинет.