Можеби така срамежливо, но лидерите на политичките партии од власта и опозицијата на последната лидерска средба одржана во Владата минатата недела, не ги ставија во фокусот закажаните претстојни, вонредни праламентарни избори, закажани за 12 април. Само навидум изгледаше чудно, зашто зад затворени врати сигурно добија многу повеќе информации за опасноста наречена корона вирус, со која допрва ќе треба да се соочиме сите како општество.
Првичните изјави дека предизборната кампања може да има алтернативи и оти, барем засега, што ќе рече минатата недела, никој не го доведува во прашање одржувањето на изборите, како повеќе да беа наменети за партиското членство, отколку што беа одраз на реалната состојба во државата и општеството во целина. Зашто, настапот на претседателот Стево Пендаровски, колку некому да му звучеше како заземање страна во дадениот момент, и покрај сите негови огради, сепак претставуваше чекор кон отрезнување.
Денешната средба на Советот за безбедност кај шефот на државата е идеална можност да се стават на страна и дневната политика и чистото политиканство. И да се донесат одлуки во вистинска насока. А, тие не можат и не смеат да бидат ништо друго, освен, меѓу другото, директно одложување на закажаните избори, па колку тоа некому му се допаѓало или не.
Навистина, кој е тој што ќе си дозволи да се коцка со здравјето на граѓаните на оваа држава, без оглед на нивната политичка, партиска или било која друга припадност? Има ли во моментов нешто поважно од тоа? Нема и не смее да има, ниту пак некој смее да си дозволи да постави било каква дилема од тој аспект.
-Изборите мора да се одложат, дециден е политичкиот аналитичар Владимир Божиновски.
Според него, во моментов имаме мерки, кои се сите во насока на избегнување контакти, со цел да се спречи ширење на заразата и појава на епидемија и кај нас. Од друга страна, пак, изборите претставуваат најмасовен собир во општеството, зашто илјадници и илјадници луѓе треба да се појават во одреден момент на одредено место. Оттука, евентуалното одржување на изборите може само да го забрза темпото на ширење на вирусот.
-Од политички аспект, факт е дека во случај изборите да се одржат, излезноста ќе биде многу мала, пред се, поради стравот кај сите категории граѓани, што, пак, ќе доведе до намалување на легитимитетот на идниот парламентарен состав, додава Божиновски.
Како пример ги наведува изборите и во Иран и во Франција. Според одредени шпекулации, токму изборите во Иран биле основната причина за експресно ширење на корона вирусот. Од друга страна, пак, неделните локални избори во Франција наидоа на максимално слаб одзив.
Божиновски е дециден дека и одржувањето и одложувањето на изборите не и одговара на ниту една политичка партија и тука нема никакви скриени пораки или бенефити.
-Не треба да се размислува на некој драстичен рок на одложување на изборите. Според мене, првата половина на јуни би била соодветна, а и топлото време е, нели, противник на вирусот, вели Божиновски.
И професорот Владо Бучковски, поранешен премиер и лидер на СДСМ, е дециден:
-За мене нема дилеми дека изборите треба (мора) да се одложат! Би било политичко самоубиство некој или некои од политичките лидери да мислат поинаку! Здравјето пред се!. Нека помине пандемијава, па ќе има време за избори во јуни или септември.