Државната комисија за спречување на корупцијата активно ќе ја следи предизборната кампања и ќе реагира за злоупотреба на државните ресурси за партиски цели. Претседателката на Комисијата, Билјана Ивановска во интервју за Прес24, вели дека во тој процес очекува помош и од граѓаните и граѓанските организации.
–Направивме план за следење на буџетските ресурси. Имено, од сите државни и јавни институции побаравме список на службени возила (вид, марка и регистрација), кој ќе го објавиме на нашата веб страна за да биде достапен до јавноста. На тој начин сите ќе можат да контролираат и невладините граѓански организации преку своите посматрачи но и секој свесен граѓанин, вели Ивановска за Прес24.
По изборите ДКСК ќе бара јакнење на своите кадровски и просторни капацитети, кои сега не се на високо ниво. Сепак, Ивановска смета дека овој нов состав на ДКСК има и капацитет и волја за непристрасна борба против корупцијата.
–Изборот на Комисијата за прв пат се изврши транспарентно пред очите на јавноста, што овозможи избор на кандидати комплетно ослободени од политички терет. Среќна околност е што во составот на Комисијата два члена се од редовите на Секретаријатот на ДКСК, два члена се овластени државни ревизори, два члена доаѓаат од единици за локална самоуправа и еден член е новинар. Задоволна сум од првичниот впечаток дека ќе соработувам со членови – професионалци, вели Ивановска.
Претседателката на ДКСК во интервју за Прес24, вели дека досега комисијата отворила над сто предмети и согласно своите услови за работа тоа е добар почеток. Ивановска најавува и поголема транспарентност за работата на ДКСК.
-По изготвување на функционална анализа, планираме по изборите да направиме и нов Правилник за систематизација со кој ќе предвидиме работна единица за односи со јавност, вели Билјана Ивановска во интервју за Прес24.
Повеќе може да прочитате на Прес24.мк