„Не за кого е речено, туку за кого е печено.“ Според народната мудрост, послужавниците со храна не завршија кај оние за кои беше речено – антикорупционерите, туку кај Артан Груби и вработените во Министерството за политички систем, пишува 360 степени.
Тие на почетокот на годинава се вдомија во зградата од која еден дел требаше да ѝ припадне на Државната комисија за спречување корупција.
„Разочарувањето дојде во последно време кога Владата, сепак, најде средства за да ја откупи цела зграда, а не успеа да најде еден спрат колку што нам ни е доволно да се преселиме“, вели директоркта на ДКСК, Билјана Ивановска.
Објаснувањето на премиерот е дека ДКСК добила пари за реновирање.
„Не може веднаш да се очекува да се дадат простории кога веќе се дадени сериозни пари за реконструкција на постоечките објекти“, кажа премиерот Зоран Заев.
Дали тоа што Владата најде пари за новото министерство со кое раководи ДУИ, а не и за антикорупциска, е одраз на приоритетите на кабинетот „Заев 2“?
Во оваа зграда во центарот на Скопје, која е класичен репрезент на политичко-градежниот потфат „Скопје 2014“, начелно беше договорено да влезе и Антикорупциската комисија. По низата технички и бирократски перипетии, кога се мислеше дека се е готово, тоа не се случи.
Наместо во нови простории, антикорупционерите завршија со реновирање на постоечките канцеларии близу Собранието.
„Пред да се решиме на чекорот на реконструкција на постојните простории, разговаравме со тогашната министерка за финансии, која ни кажа дека нема шанси да се купува тој простор. Потоа, дојде вицепремиерот за борба против корупција, дојде министерот за правда, разговарав и со министерот за финансии кога се кроеше буџетот и сите ми кажаа дека нема можности да се вложат дополнителни пари за да се купи тој простор за нашата комисија. Ја разгледваме состојбата каква е и баравме разумно решение, а тоа е тука да направиме реконструкција за да обезбедиме минимум услови за работа“, вели Ивановска.
Тврдењата на министрите Ангеловска, Николовски, Маричиќ и Бесими дека „се нема пари“, кои ги слушнала Ивановска, се покажале невистинити кога Владата најде 10 милиони евра за објектот во кој, покрај Министерството за политички систем, ќе бидат сместени и Агенцијата за остварување на правата на заедниците, Управата за афирмирање и унапредување на културата на припадниците на заедниците, Управата за развој и унапредување на образованието на јазиците на припадниците на заедниците, како и Националниот Албански ансамбл. Но, не и Антикорупциската комисија.
„Овој простор е благодарение на можноста на самата влада, министрите под раководство на првиот потпретседател на владата, од голем дел од заштедените средства уплати 620 милиони денари, тоа се 10 милиони евра, на акционерското друштво за стопанисување со станбен и деловен простор за да ја откупи зградата која што го врати кредитот. Значи, државата си врати кредит со овие пари, притоа доби едно министерство, ваков простор, кое е во прогрес и треба да се развива во една мултиетничка средина како што е С Македонија. А, таква работа да направите за која било друга институција е невозможно, зашто е невозможна оправданоста на парите за да може да се пренесат на ПУИГ, а ПУИГ да го врати кредитот што го има кон банките каде должи“, рече Заев.
Целиот текст на 360 степени