Се надевам дека освен избори, во оваа 2019 година ќе видиме и суштински и добро обмислени европски реформи и капитални инвестиции кои реално ќе го подобрат животот на граѓаните, рече претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, на приемот, што по повод новогодишните и божиќните празници вечерва во Скопје го приреди за претставниците на дипломатскиот кор.
Како што кажа Иванов, само ваквите чекори ќе бидат вистински повод за триумфализам.
-Моите ставови во однос на последните случувања во Република Македонија ги искажав и во годишното обраќање во Собранието, но и од говорницата на Генералното собрание на Обединетите нации. Не би променил ниту еден збор, бидејќи ја зборував вистината за она што им е најпотребно на граѓаните. Тоа ми дава сила да останам доследен на моите одлуки и ставови. Ќе го повторам следново. Правото на самоопределување и правото на постоење на македонскиот народ, но и принципите на демократијата и владеењето на правото не смеат да бидат доведени во прашање. – рече претседателот.
Иванов проача дека членството во Европската Унија и во НАТО го сплотува целото наше општество, бидејќи, како што кажа, за македонските граѓани НАТО значи безбедност, а Европската Унија значи просперитет.
Навраќајќи се на изминатите десет години од неговиот мандат, претседателот се заблагодари на сегашните и поранешните амбасадори кои помогнале во продлабочувањето на билатералните односи на Република Македонија.
-Во изминативе десет години како претседател имав можност да се среќавам и да соработувам со околу 170 резидентни и нерезидентни амбасадори од околу 100 држави и меѓународни организации. Иако не бев во можност со сите да имам чести средби, сепак, ја користев секоја прилика за да размениме мислења за важни прашања. Еден од таквите настани е и традиционалниот новогодишен прием. – рече Иванов.
Претседателот во неговото обраќање за 7 мај годинава ја најави и посетата на Неговата Светост, Папата Франциск.
-Во фокусот на неговата официјална посета на Република Македонија ќе биде Мајка Тереза како израз на вистинскиот, автентичен соживот, којшто не е сосила наметнат, туку органски извира од македонското мултиетничко, мултијазично и мултирелигиско општество. Почитувањето на различноста е израз на доверба, а клучот за довербата е одговорноста, бидејќи секое стекнато право подразбира и одговорност. – истакна Иванов.
Традиционалниот прием на дипломатскиот кор изминатите години беше приреден во Скопје, Струга, Гевгелија, Битола, Крушево и во Берово, а беа посетени и Дојран и Вевчани.
-Тоа беше одлична можност, особено за нерезидентните дипломати, подобро да ја запознаат Република Македонија, нејзините трајни вредности, богати традиции и туристички потенцијали. Од оваа дипломатска турнеја се родија и нови иницијативи за соработка на локално ниво, за збратимувања на градови и размена на искуства, на мое големо задоволство. – посочи македонскиот претседател.
Од Кабинетот на Иванов информираат дека на вечерашниот прием свое обраќање имал и доајенот на дипломатскиот кор, амбасадорот на Кралството Шведска, Матс Стафансон.