Се уште е неизвесно дали Народната Банка ќе добие нов или ќе продолжи да ја води стариот гувернер. Допрва ќе се разгорува дебатната борба во Собранието за избор на гувернер на Народната Банка, особено ако се знае дека владејачкото мнозинство не го преферира кандидатот на шефот на државата.
Претседателот Ѓорге Иванов денеска и официјално предложи гувернерот на Народната Банка Димитар Богов да добие уште еден 7-годишен мандат. Иванов наведува дека пред да го поднесе предлогот до собранието се консултирал со сите релевантни бизнис, банкарски и академски фактори. Тој наведува дека Богов добро ја водел НБМ во изминатите години, што било позитивно оценето и во извештаите на Европската комисија за напредокот на Македонија.
„Во тој контекст особено е нотирано постигнувањето и одржувањето на ценовната стабилност, одржувањето на девизните резерви, одржувањето на фиксен девизен курс на денарот во однос на еврото и користењето на операциите на отворениот пазар и задолжителната резерва. Позитивно се оценува и усогласувањето на правната рамка на монетарната политика со легислативата на ЕУ, и активностите за обезбедување на функционална и институционална независност на централната банка“
ДУИ отворено застана против предлогот. Од партијата велат дека ова е избрзан предлог на Иванов.
„За жал, Иванов ја отежнува кохабитацијата во последните месеци од својата политичка кариера и не дава конструктивен државнички придонес во овие пресудни моменти за нашето општество“
Не е тајна дека ДУИ инсистира овој пат гувернер да биде Албанец. Јавноста коментира дека партијата која не се согласуваше со изборот на Богов и во 2011 година, веќе неколку месеци го подготвува поранешниот вицепремиер за европски прашања, Фатмир Бесими, за нов гувернер како компромисно решение и стручен кадар со големо искуство во областа, особено бидејќи веќе бил вицегувернер на Централната банка.
Од СДСМ велат дека ќе ги разгледаат сите аргументи и во наредните денови ќе го соопштат ставот, додека од ВМРО-ДПМНЕ засега не коментираат кој кандидат и официјално ќе го поддржат, но велат ќе мора да биде компетентен кадар.
Од НБРМ се оптимисти дека именувањето на гувернер на Народната банка ќе се реализира навремено, со целосно почитување на одредбите од Законот за Народната банка.
Предлогот за гувернер на Народната Банка се гласа во Собранието со просто мнозинство. Со оглед на тоа што актуелниот мандат на Богов истекува на 21 мај, доколку неговата кандидатура не биде прифатена во законодавниот дом, водењето на монетарната политика ќе остане во рацете на Вицегувернерите и членовите на Советот на Народната Банка.