Македонија 10. септември 2018. / 09:28

Истрагата на МВР продолжува: Еве кој е градоначалникот кој се закануваше дека прислушува

Истрагата на МВР продолжува: Еве кој е градоначалникот кој се закануваше дека прислушува

Граданочалникот на општина Демир Хисар од СДСМ, Марјанче Стојановски, за кого вчера објавивме снимка како им се заканува на вработените во училиштата дека ги прислушува нивните телефонски разговори и следи што прават и каде одат, за што потоа беше повикан на информативен разговор во полициска станица, поседува пасиште, лозје, две ливади, овошна градина и земјоделско земјиште во анкетниот лист.

Има четири куќи, од кои највредната му е во Битола од 1-3 м2 и проценета е на 4 милиони денари. Има возило Сеат Кородоба од 2002 година. Од страната на своите родители пријавил трактор од 120.000 денари и старо возило застава проценето на 5.000 денари.

Последен пат во јавноста го има со интервју за „Либертас“ во март годинава кога вели дека како нов градоначалник на Демир Хисар приоритет му се нови, патишта, водоводи, канализации, спортски објекти, улично осветлување согласно програмата за комунално уредување донесена од Советот на општина. Најавува подобри услови во училиштата и градинките за сите деца, заштита и унапредување на животната средина и природата и набавка на нови контејнери за селектирање отпад.

– Општина Демир Хисар во наредниот период на граѓаните ќе им стави на располагање нов пазар кој е во завршна реконструктивна фаза, современ, модерен и услужлив како за продавачите така и за купувачите, нагласи градоначалникот Стојановски.

Вчера по насока на Јавно обвинителство Битола, повикан е на информативен разговор во Полициска станица од општа надлежност Демир Хисар М. С. (49), градоначалник на општина Демир Хисар, поради објавена снимка во медиумите во текот на вчерашниот ден.

Марјанче Стојановски во разговорот изјави дека снимката која се појавила на интернет е од протест во О.У. Гоце Делчев во Демир Хисар кој се случил во средината на месец јануари 2018 година. Протестот се одржал заради промена на две учителки во други подрачни училишта.

По насока на обвинителство Марјанче Стојановски е пуштен во 20.30 часот, а во врска со овој случај ќе се повикуваат повеќе лица на службен разговор со цел негово целосно расчистување, пишува во официјалното соопштение на МВР.

Инаку Економски Лидер ја објави снимката каде граданочалникот на Општина Демир Хисар од СДСМ, Марјанче Стојановски им се заканува на вработените во училиштата дека ги прислушува нивните телефонски разговори и следи што прават и каде одат.

Економски Лидер стигна до ексклузивно видео од состанок на Стојановски со вработените кои се бунтувале на перманентниот притисок од негова страна и заканите кои постојано ги добиваат од општината за преместување од нивните работни места и отпуштања.

-Заборавате дека во МВР работев, заборавате дека ви слушам сите телефонски јавувања. Одење од куќи и така натаму. – им вели разбеснатиот Стојановски на вработените во училиштето.

Ваквата закана на Стојановски отвора простор за тоа дека МВР незаконски ги прислушува граѓаните, по што би требало да биде отворена истрага од страна на обвинителството.

Марјанче Стојановски на градоначалничката позиција дојде на последните избори од редовите на СДСМ. Претходно работел во Министерството за внатрешни работи.