Македонија 03. јули 2019. / 09:43

ИРЛ открива: Еве како се местат огласи за државна работа

ИРЛ открива: Еве како се местат огласи за државна работа

ИРЛ ги истражуваше законските дупки и итроштините на функционерите кои ќе сторат се нивните пулени да ги добијат позициите.

Колку што е повисоко на семејното стебло, роднина од прво колено, толку и работното место и платата му се „помрсни“, објави ИРЛ. Сестрата на министерот за економија Крешник Бектеши се вдоми во МЕПСО, синот на заменик претседателот на Собранието, Горан Мисовски, доби вработување во Агенцијата за супервизија на осигурување, синот на пратеничката Мира Стојчевска беше примен во ЕЛЕМ.

Оние од второ колено, вообичаено не остануваат без работа кога „нивните“ се на власт, но не котираат високо на списокот за државна служба. Како на пример бабата на Кирацовски, мајка на неговата сопруга, која нејзиниот зет ја „пикна“ во „Државниот ученички дом Мирка Гинова“ во Битола на позицијата – архиварка.

Како се мести оглас за работа

Ако се следат секојдневните објави за избрани кандидати во Агенцијата за администрација, може да се забележи дека многу често вработување добиваат членови или симпатизери на владејачките партии СДСМ и ДУИ.

Има неколку начини како може да се намести оглас за работа.

-Пред да се објави огласот се прави простор за соодветен кандидат преку нова систематизација во државната институција.

-Многу често на огласите се јавува само по еден кандидат.

-Последниот филтер при селекција на кандидатите е интервју кое го прават двајца членови од институцијата која го распишала огласот и еден член од Агенцијата за администрација. Тие одлучуваат кој кандидат ќе биде примен на работа

Минатиот месец вработување доби Биљана Петровска на позиција Советник за маркетинг и односи со јавност во библиотеката „Илинден“ во Делчево. Петровска на својот фејзбук профил не крие дека е силен поддржувач на СДСМ, има слики со партиски функционери, а давала отворена поддршка на локалните избори за градоначалникот Горан Трајковски. Година и пол по изборот на Трајковски, Петровска е избрана за Советник за маркетинг и односи со јавноста во локалната библиотека. Петровска за ИРЛ вели дека таа била единствен кандидат на конкурсот, бидејќи условот за образование бил дипломиран новинар.

Она што беше чудно е работното место – Советник за маркетинг и односи со јавност во библиотека во град кој има околу 17.000 жители. Од Министерството за информатичко општество информираат дека ова место е отворено лани според систематизација што ја направила Министерството за култура за сите библиотеки во државата. Па така, новинарката Петровска која претходно работела во пропаднатото Радио Делчево, доби вработување во државна служба.

Преку Агенцијата за администрација работа доби и бабата на Кирацовски. Како течела постапката за вработувањето на Мери Поповска во „Државниот ученички дом Мирка Гинова“? Според документите до кои дојде ИРЛ, работното место Технички секретар/самостоен референт е отворено со нова систематизација која е направена во 2018 година. Оттаму побарале дозвола за вработување, што ја издало Министерството за финансии. На конкурсот се јавиле три лица, меѓу кои и Поповска. Еден кандидат веднаш бил елиминиран поради неуредна документација, а двајца продолжиле во втората фаза – полагање на испит за административен службеник. Кругот повторно се стеснил, па едниот кандидат не се појавил на полагањето и останала само бабата на Кирацовски, која го положила испитот, поминала на интервјуто и со освоени 69 поени од вкупно 100 била избрана за работното место.

Освен мајката на неговата сопруга, од семејното стебло на Кирацовски во државни фирми се вдомија и неговата сестра и таткото на сопругата. За сите тројца, Антикорупциската комисија утврди дека Кирацовски влијаел при нивното вработување, и тие се повлекоа од работните места.

Повеќе за ова може да прочитате на ИРЛ.мк