Никица Корубин, пратеник на ЛДП во сегашниот собраниски состав на владејачкото мнозинство, смета декам ова е историска шанса која не смее да се пропушти. Верува во успешноста на референдумот и обезбедување на мозинство за изгласување на уставните измени. Во интервју за Lider.mk вели -Историјата неможе да ја смениме, но може да испишеме нова.
Финишира кампањата за референдумот. Наместо прогресивна, млака кампања. Дали тоа се должи на карактерот на референдумот, кој е консултативен. Зошто власта се реши да го турка овој процес преку гласот на граѓаните, кога постапката можеше да ја води преку законодавниот дом?
Самиот референдум е прогресивен сам по себе, бидејќи одлучуваме за нашата иднина. Европска иднина, во која сме рамноправен партнер по сите основи. Светот е толку глобализиран што се чини невозможно, Македонија да не биде член на евро-атлантските структури. Тоа е неопходност, потреба, но и јасна цел на граѓаните. Поставеноста на политичкиот систем во Македонија ја определува улогата на секоја власт, оттаму постапката се води токму на тој начин, Законодавниот дом го ратификуваше Договорот со Грција, а се разбира и уставните измени можат да бидат донесени само во Собранието. Референдумското изјаснување на тој начин, не е замена, туку додадена вредност и партнерски однос со граѓаните чии претставници сме токму ние. Тоа е суштината на демократијата, функционалност на политичкиот систем преку учество на сите во него.
Без разлика на исходот на референдумот, судбината на Договорот од Преспа е во рацете на народните избраници. Ќе успее ли мнозинството да обезбеди 81 глас?
Јас верувам во успешен референдум, затоа што верувам дека секој еден од нас, сака подобар живот со јасна перспектива. Ние како пратеници се изјаснивме по однос на Договорот од Преспа, барем оние кои се изјаснија, и тука дилема нема. На референдумот ќе се изјаснат граѓаните. Имајќи предвид дека интеграцијата во ЕУ и НАТО била секогаш јасна и недвосмислена определба на граѓаните на Македонија од самостојноста па до денес, на 30 септември е всушност испишувањето на историјата за секој еден и за сите нас. Каква историја ќе испишеме од нас зависи. Мислам дека таа ќе биде само дефинитивна потврда на сите наши заложби за подобар, похуман и поцивилизиран живот. Секој има право на одлука, но и секој треба да биде свесен за одговорноста што ја носи со својата постапка. Вклучително и одговорноста што ние ја имаме како пратеници, без разлика на политичката провиниенција, да ги исполниме обврските од Договорот со Грција. Оттаму 81-от глас, не се само на мнозинството, туку тие се глас на аспирациите и вољата на граѓаните.
Опозицијата најави дека ќе ги поддржи уставните измени, само доколку мнозинството граѓани на референдумот се изјаснат позитивно? Чија ќе биде одговорноста доколку пропадне договорот?
Се надевам дека опозицијата ќе остане конзистентна на тој став и дека ќе постапат согласно вољата на граѓаните, но и согласно највисоките стратешки приоритети на Република Македонија, членство во ЕУ и НАТО. Стабилна, добро организирана, правна и хумана држава е заеднички интерес, и тој интерес нема алтернатива. Одговорноста секогаш зависи од позицијата на моќ и влијание, и поставеноста во системот, но одговорноста е и лична категорија во смисла на нашето разбирање за значењето на овој историски момент, но и контекстот кој тешко дека некогаш ќе се повтори. Исто како и во животот, така и во политиката умешноста на правење компромис со взаемна почит, но и разбирање на реалната моќ и позиција е пат кон подобра иднина за сите.
Ќе се менува уставот, познато е во кој правец ќе се движат амндманите, но не точно и нивната формулација. Како ќе се регулираат називите на институциите? Како ќе се менува Македонска филхармнија, култура, поезија? Топонимите, имињата на македонските села и градови кои во себе го содржат зборот македонски ?
Незнаењето продуцира страв, а стравот е емотивна категорија. Затоа е клучно знаењето, разбирањето на нештата и прифаќање на фактите без предрасуди. Договорот со Грција е резултат на најдобрите намери да се затвори спор, за кој самите сме се обврзале да го решиме при нашиот влез во Обединетите Нации. И после речиси три децениски безуспешни обиди, манипулацијата, релативизацијата и стигматизацијата на овој Договор е всушност удар кон сонот на секој еден од нас, на сите граѓани, на генерации кои ги искусија сите проблеми на живот во држава која не е дел од Европската унија, а сака да споделува и да практикува стандарди и правила. Нас ни треба тоа заедничко семејство, бидејќи тоа е и нашата реалност, спој на прекрасни различности на едно место. Но, само преку почитта и разбирањето на Другиот, на неговиот став.
Договорот е прецизен по ова прашање, и тоа е регулирано во членот 1, членот 7 и членот 8, но постои голема разлика при именување на државни институции и топоними. Едното е врзано со државата, а другото со етносот. А, знаеме притоа дека терминот и придавката ,,македонски,, како и терминот ,,Македонија,, се недвосмислено содржани и задржани. Од друга страна името Република Северна Македонија ќе биде формалното именување на нашата држава, рамноправен член во Европската Унија и НАТО.
Дали уставните измени ќе ја изменат и историјата на македонскиот народ?
Историјата е мината категорија, не може да ја обликуваме според своите желби. Можеме да ја проучуваме, да ја анализираме и да научиме многу од неа, но секоја генерација има право да ја напише својата историја, каква што ние испишуваме со нашето изјаснување на 30 септември. Но, историографијата од друга страна, и историјата како наука има свои правила, и се води од фактите и толкувањето на истите, од контекстот и дадените констелации на односи во даденото време. Не можеме да судиме за минатото од позиција на сегашноста. Оттаму не може и ништо да смените во минатото, но можеме да смениме сега, во реалноста, и со својот глас на разум и самосвест, да креираме иднина која ќе биде наша идна успешна историја. Уставот е акт кој постои за потребите на граѓаните, а не самиот за себе. И е подложен на промени кои ќе ја одразат динамиката на времето и прилагодување на контекстот. Овој контекст вели, време е за иднината, во која ќе се гордееме со нашата историја, но нема да ја живееме, бидејќи имаме своја историја за создавање.