Интеграцијата на Македонија во Европската Унија е нешто за кое што се борат сите политички субјекти во државата.
Во фокусот е се повеќе промената на уставното име како услов за влез во Унијата, а дебатите за вистинските реформи кои не очекуваат на патот некако се запоставуваат. За комплексните реформи кои треба да ги спроведат нашите институции, како и за актуелните предизвици „Економски Лидер“ разговараше со Лидија Димова, која важи за личност со најголемо познавање на европската легислатива во Македонија.
Димова беше пратеничка во Собранието, а сега е директорка на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност.
Во интервјуто таа зборува за важноста на оваа институција, за трошењето на европските пари, како и за напорите кои ги вложуваат за да ја изнесат Македонија на вистинскиот пат кон ЕУ.
Од еден жесток критичар на тогашната власт, и еден од пратениците со најголемо познавање на европската легислатива, во време на Евроинтегрирање, Вие сте пасивен учесник во целиот процес. Нели сметате дека вашиот капацитет и познавање на европското законодавство требаше да добие повисока функција од местото директор на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност?
Го разбирам вашето прашање и верувајте, ми го поставуваат секој ден. За жал, тоа ни кажува само една работа – јавноста многу малку, речиси, воопшто, не ја знае улогата на институцијата Национална агенција за европски образовни програми и мобилност. Граѓаните не знаат зошто постои таа, со колку средства располага, од каде доаѓаат тие пари, кој може да добие пари и зошто ЕУ има пари за вакви проекти.
Оттука, ќе се согласам со вас дека однадвор изгледа дека јас сум само „нем посматрач“ на евроинтеграциите на Македонија, но тоа е далеку од вистината. Пред да станам директор на оваа институција, бев член на советодавната група 3-6-9, но по стапувањето на должност стана невозможно да бидам добар директор и во исто време да се занимавам со „партиска политика“, туку на овој начин добивам шанса да работам многу повеќе со „јавни политики“ кои јасно артикулираат јавен интерес. Патем, само така може да се одвои државата од партијата).
Со оглед на тоа што носењето на законите во ЕУ трае по неколку години поради широкиот консултативен процес, морав директно да се вклучам во донесување на новата регулатива за Еразмус програмата за периодот 2021-2027 на ниво на ЕУ. Наследив институција која, за жал, не е вклучена во ниту една работна група, па морав напорно да работам за да станеме дел од сите тековни европски процеси во клучен период на носењето на новата регулатива. Набрзо ми стана јасно дека е невозможно да бидам добар директор и истовремено да работам за советодавната група 3-6-9, па се фокусирав само на Националната агенција.
Одлуката се наметна самата по себе. Мора да правите разлика меѓу процесот на пристапување во ЕУ и Евроинтеграциите. Нашето членство во ЕУ нема да се сведе на технички (и не многу возбудливи) преговори во 35 поглавја (пристапувањето), туку и на менувањето на свеста за тоа колку е важно да се припаѓа на еден политички сојуз во ерата на глобализација, а со тоа и да се грижиме и за други „светски“ проблеми како што се бегалските кризи, климатските промени, енергетската ефикасност итн. Свеста се менува со добро образование и обука, нудењето можности за возрасните да живеат активно и продуктивно и, се разбира, со поттикнување на потенцијалот што се наоѓа во младите, односно со сето она што е домен на работа на Националната агенција. Програмата Е+ овозможува рамноправно учество на Македонија со државите-членки на ЕУ на прашања од заеднички интерес за мешусебна соработка меѓу граѓаните од повеќе држави истовремено од областа на образование, млади и спорт. Овде, впрочем, е вистинскиот простор за европеизација на општеството и преземањето на европските вредности.
Што се однесува до Евроинтеграцијата што ја води Владата, мора да признаете дека секој можеше да се пријави и да даде придонес доколку смета дека се вклопува некаде. Имаше отворен повик и сите добија можност да се вклучат. Тоа е практика што беше незамислива во времето на ДПМНЕ и Груевски.
Како поранешна пратеничка, сметате ли дека во моментов во Законодавниот Дом се играат задкулисни игри, поткуп, преговарање, превирање, комбинации? Дали политичките партии се претопија во групации на ЗА и ПРОТИВ Договорот од Преспа?
Процесот на осободување на заробената држава нема да биде ниту лесен, ниту брз. Собранието беше првата жртва што беше задушена. Таму не дискутиравме за политики, туку носевме закони и се расфрлавме со партиски памфлети. Впрочем, кога носите по 400 закони годишно, невозможно е да си извршувате работата како пратеник и да ги прашате засегатите чинители што мислат за одредени законски решенија. Едноставно немате време – мора да сте на седница! На сметка на тоа, се оттуѓувате од оние кои ве избрале.
Се прават напори да се променат овие состојби, но Собранието беше првата жртва и, веројатно, ќе биде последната институција која ќе успее да се ослободи од „прангите“ на заробеноста. По 11 години Груевизам, би било неприродно да верувате дека тоа ќе се случи преку ноќ. Единствено евроинтеграциите можат да го поттикнат тој процес – пример, фактот што ИПА 2 има средства кои се испрограмирани во форма на „буџетска поддршка“ ќе ја наметне потребата од суштинска дискусија за предметната област во соодветните собраниски комисии, особено Комисијата за финансирање и буџет која ќе треба да гледа (и дискутира/дебатира) повеќегодишни секторски буџети. Собранието го нема тој капацитет сега, но под будното око на ЕУ, ќе мора да го развива. Сепак, станува збор за процес.
Што се однесува за дискусиите „за“ и „против“, Договорот од Преспа беше исклучителна можност да почне дебата во Собранието. Штета е што како држава почнавме да учиме да дебатираме со едно толку важно прашање. Сепак, имам многу надежи за Собранието. Впрочем, преговарачките позиции на државата ќе треба да бидат прифатени – низ дебата – од страна на целото општество и токму затоа го воспоставивме телото Национален совет за евроинтеграции во кое, покрај пратениците, членуваат и претставници од медиумите, граѓанското општество, бизнисот, синдикатите, религиозните заедници итн. Ова треба да биде подолгорочен процес со кој ќе практикуваме вистинска дебата во Собранието.
Застанавте на чело на институција која пред неколку години ја тресеа скандали и предупредување за стопирање на европските пари. Дали е вратено достоинството на Националната агенција?
Образот се валка преку ноќ, а многу тешко се чисти! Цела 2018 година работиме на подобрување на внатрешните процеси на институцијата. За да можеш да подобриш нешто, мора прво да видиш што не функционира. Оттука, 2018 година направивме многу анализи, дури и нарачав анализи однадвор за да имам непристрасен поглед.
Вработените никогаш не биле на обука. Организирав многу обуки – и за личен и за институционален развој. Во дел од овие обуки го вклучив и Управниот одбор, кој мора да признаам, многу ми помага и поддржува. Такви беа обуките за креирање политики (за полесно да влијаеме врз новата регулатива на ниво на ЕУ), за јавни набавки (никој од вработените не сакаше да биде дел од комисиите за јавни набавки), за комуникациски вештини (претходно програмските службеници не биле овластени да даваат изјави) итн.
Националната агенција низ нетранспарентен (да не речам сомнителен) процес ги имаше избрано надворешните евалуатори на апликации. Анализите покажаа дека Агенцијата има склучено договори со 50-тина евалуатори, но само 9-10 од нив реално биле ангажирани. Има и случај кога речиси половината од парите се поделени од едно лице, кое нема ни доволно искуство, а ниту пак доволно години за да стекне какво било искуство за оценување на европски проекти. Едни исти организации постојано добиваат проекти, а парите се селективно распоредени и концентрирани во 4 града.
Кога минатиот декември седнав на директорското столче (за мене не е фотеља), видов дека освен задолжителните рокови за аплицирање, содржините веб-страницата беа од 2014 година. Ми стана јасно дека намерно институцијата не сакаше да се отвори, а камоли да биде транспарентна. Верувале или не, се фалевме во Брисел со тоа дека никогаш не сме добиле жалби од апликанти, иако тоа е показател дека јавноста не ви верува.
Сега имаме и нови евалуатори (избрани од независна комисија составена од странски преставници релевантни за нашата програма) без мое учество во изборот (кои ќе почнаат да работат од 2019 година). Имаме и жалби и квалификуван службеник кој е задолжен за објавување на содржини на веб-страницата како резултат на што бројот на посетите на веб-страницата е зголемен за над 60%. Инфо-деновите се случуваат низ цела Македонија и содржината ја презентираат тие кои најдобро ја знаат – програмските службеници.
ЕУ 2021-2027, најавивте преструктурирање на агенцијата се со цел да се обезбеди најдобра финансиска преспектива. Од каде ќе почнете?
Процесите на промена на програмата се редовна работа на ниво на ЕУ, а истите се случуваат во циклуси од седум години. Сега зборуваме за новата седумгодишните финансиски рамки на ЕУ 2021-2027.
Процесот на преструктирање на Националната агенција е веќе започнат. Уште на интервјуто кога бев вработена кажав дека ќе ја преструктуирам Агенцијата за да постигнам поголема оперативност и поголемо влијае во Брисел. Имено, сега Агенцијата е структуирана според клучни акции, одосно според структурата на програмата, зашто така полесно се известува кон Брисел. Јас сакам да ја реорганизирам според сектор, зашто така ќе се има подобра престава какви се состојбите во секторот. За подобро да ме сфатите – вака имаме куп податоци, но не знаеме што да правиме со нив. Ова мора да се промени за Агенцијата да одговори на потребите на корисниците, но да биде и во функција на преговорите за членство во ЕУ.
Вработените беа поканети да се вклучат во процесот и голем дел од нив придонесуваат кон формирањето на новиот лик на идната Агенција. Ангажирав и надворешен странски експерт кој направи анализа на работниот товар на вработените и ќе понуди повеќе решенија кои ќе бидат предмет на рагледување на вработените во процесот на донесување одлуки за тоа како треба да изгледа иднината. Од моите колеги директори на другите агенции од Европа побарав да ми го испратат својот органиграм за да анализираме повеќе опции (горда сум што поттикнав многу агенции да почнат да размислуваат за преструктуирање според сектор). Во работната програма за 2019 година (прва програма што јас ја изготвувам, зашто ја наследив програмата за 2018 г.) имам предвидено активности поврзани со преструктуирањето и Брисел се согласи дека тоа е возможно.
Конечно, целта е да имаме сосема нова, но целосно оперативна институција пред да почнеме со спроведување на новата програма 2021-2027.
Како се трошат европските пари за образование во Македонија, кога најголем дел од училиштата во земјава се во незавидна ситуација и положба. Добар дел од наставниот кадар не е информиран и обучен како да аплицираат за пректи. КАде ја гледате вината за тоа?
Националната агенција беше многу затворена и нетранспарентна институција од причини кои ги наведов погоре. Еразмус+ програмата нуди многу можности, но нема средства за градежни работи. Тоа се очекува националните власти да го покријат од сопствениот буџет. Но, Еразмус+ е единствената европска програма која е дарежлива и ви дава пари за спроведување на проектите. Како ќе ги трошат тие парите, зависи од капацитетот на корисниците, на пример, училиштата.
Нашата анализа покажа дека во Македонија имаме премногу проекти во делот на училиштата кои се чиста злоупотреба на европските средства. Имено, се јавуваат претпријатија кои им ги пишуваат проектите на училиштата и им ги земаат сите пари што се наменети за управување со проектот. За жал, анализата покажа дека најголемиот број, речиси сите училишта, одат на исти места на мобилност што отвора сериозен сомнеж за злоупотреба. Згора на тоа, овие претпријатија никаде не се појауваат како носители на проекти.
Во пресрет на новата финансиска рамка 2021-2027, знаеме дека ќе имаме минимум двојно повеќе пари во Еразмус. Вакви какви што се сега училиштата, нема да можат да ги апсорбираат овие средства. За среќа, имаме две години за да ги подготвиме.
Во 2019 година, со помош на новиот приод, со посуштински мониторинг и анализа на ваквите случаи, ќе се направи обид да престанат ваквите практики. Затоа, фокусот во 2019 година нема да бидат инфо-денови за програмата, туку градењето капацитети на училиштата.
Што би значело за Македонија, односно за користење на европските пари за образование, наука и култура доколку земјава стане дел од евроското семејство?
Споменав дека очекуваме удвојување на средствата во програмата за периодот 2021-2027. Тоа значи дека од € 14,7 милијарди, буџетот ќе биде најмалку € 30 милјарди, но со дополнителни € 3 милјарди кај Европскиот солидарен корпус. Голема новина е и тоа што ќе има можност за мешање на финансиските инструменти. Ако Македонија има доволно капацитети, училиштата ќе може да ги користат и другите пари како ИПА 3, па дури и од Европскиот социјален фонд (кој досега беше можност само за државте-членки). Оттука, имаме неограничени можности ако се подготвиме навистина добро.
Да се вратиме малку на политиката. Што од оваа позиција би смениле во дејствувањето на оваа влада предводена од Зоран Заев? Дали фокусот е премногу кон ЕУ и НАТО, притоа занемарувајќи ги останате области и сектори?
Мислам дека нема никаква логика ова прашање да го поставувате на „еврољубец“, како што ме нарекуваа долги години. За мене НИКОГАШ нема да биде доволно ЕУ во националната политика, независно кој ќе биде на власт. Помалку „страсно“ верувам во НАТО, но тоа е лично чувство што го имам кон сите воени сојузи.
На прашањето што би сменила, ќе одговорам – повеќе ЕУ, помалку НАТО! Тоа, пак, бара и промена на курсот на надворешната политика. Сосема ја разбирам (и одобрувам) досегашната позиција на владата во однос на Грција и Бугарија, но имам чувство дека недоволно се работеше на Франција и Холандија. И двете држави имаат принципиелна политика во однос на проширувањето на ЕУ – и двете зборуваат за политика на продлабочување, наспроти проширување – и тоа долги години наназад. Така беше и во 2005 година кога го добивме статусот на држава-кандидатка и затоа тогаш многу лобиравме. Не велам дека МНР не работи на тоа прашање, но од преспектива на јавноста не е видливо.
Во пресрет на претседателските избори, според Вас, каква личност треба да биде идниот Претседател на државата?
Знам само дека идниот претседател на државата НЕ СМЕЕ да биде како овој претседател. Сепак, Ѓорге Иванов ќе одигра историска улога во Македонија – следниот претседател ќе знае точно што не треба да прави!