Партискиот договор за одржување на предвремени парламентарни избори на 15 јули годинава, синоќа резултираше со прогласување нова вонредна состојба од страна на претседателот на државата Стево Пендаровски во траење од осум дена.
Следно што треба да се очекува е претседателот на Собранието Талат Џафери да потпише ново решение за одржување на изборите на 15 јули, што би можело да се случи уште денеска, а Државната изборна комисија потоа да донесе нов роковник за изборите.
Најголемите политички партии во земјата СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ по речиси двомесечни напори вчера постигнаа договор предвремените парламентарни избори да се одржат на 15 јули. Предвремените парламентарни избори требаше да се одржат на 12 април, но по прогласувањето на првата вонредна состојба поради кризата со коронавирусот во март, со владина Уредба изборните дејствија беа прекинати.
Лидерот на владејачката СДСМ Зоран Заев вчера на прес-конференција соопшти дека е постигнат договор со претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и оти тие отстапиле од својот првичен став изборите да се одржат на 5 јули, и се согласиле гласањето да биде десет дена подоцна на 15 јули.
Изборниот ден за разлика од претходно ќе биде во среда, која ќе биде прогласена за неработен ден, а во понеделникот и во вторникот ќе можат да гласаат болните, вклучувајќи и оние со Ковид-19 и лицата во изолација и самоизолација, како и затворениците.
Молкот ќе настапи на 12 јули, недела, на полноќ. До ова решение дојде по барање на опозициската партија која поради бројот на заболени од коронавирусот во земјата сакаше дополнителни здравствени протоколи и присуство на набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР. Парламентарните избори во С. Македонија ќе се одржат со мерки за заштита од ширење на коронавирусот, а изборниот ден ќе биде продолжен за два часа, и наместо во 19:00 гласачките места ќе бидат затворени во 21:00 часот.
Македонија функционира со техничка Влада која требаше да организира избори од февруари годинава, како и без Парламент кој се самораспушти поради изборите што требаше да се одржат на 12 април.