Македонија 22. јануари 2020. / 13:02

Инспекторот Илиевски бил во право-Истрага за тројца функционери на ДУИ

Инспекторот Илиевски бил во право-Истрага за тројца функционери на ДУИ

Случајот што го отвори просветниот инспектор Ѓорѓи Илиевски за тројцата функционери, за кои тврди дека добивале хонорари од Тетовскиот универзитет за настава додека работните места им биле во мирување, се чини почнува да добива разврска, пишува Факултети.мк.

Основното јавно обвинителство од Тетово води истрага против тројцата државни функционери Арбер Адеми, Агим Нухиу и Сафет Емурлаи за кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување по член 365 од Кривичниот законик.

За порталот Факултети.мк оваа информација ја потврди и основната јавна обвинителка од Тетово, Драгослава Поповска.

-Да, се води постапка против тројцата државни функционери за злоупотреба на службената положба и овластување. Предметот е во фаза на предистражна постапка, изјавила Поповска.

Илиевски поднел пријава до Управата за финансиска полиција за тројцата функционери, за кои тврди дека добивале хонорари од Тетовскиот универзитет за настава додека работните места им биле во мирување. Илиевски за сите постапки го информира и народниот правобранител. Минатата недела го добил конечното решение од канцеларијата на омбудсманот, кој доказите ги доставил до јавен обвинител.

Основното јавно обвинителство, пак, случајот му го префрли на Тетовското јавно обвинителство, бидејќи пријавените дејствија се извршени на подрачјето на град Тетово, каде што и се наоѓа Тетовскиот универзитет.

Народниот правобранител добил известување и од Основното јавно обвинителство – Тетово во кое пишува: „Оформен е предмет против Арбер Адеми, Агим Нухиу и Сафет Емрули за кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување по член 365 од Кривичниот законик“.