Бројот на пациенти заболени од Ковид-19 е во постојан пораст, а болничките капацитети се полни како никогаш досега и за грижа на болните на Клиниката за инфективни болести недостасува простор, пишува „Слободен печат“.
На Клиниката за инфективни болести, според информацијата од вчера, имаше згрижено 97 пациенти, додека вкупниот капацитет е 110, ако се стават во функција сите болнички кревети само за пациентите со Ковид-19. Поради тоа се враќа монтажната болница, која ќе биде со капацитет од 70 легла. Таа болница веќе постоеше, но беше размонтирана кога министерот Венко Филипче соопшти дека епидемијата е ставена под контрола. Сега шатори нема да има туку ќе биде контејнерски систем. Болницата е опремена и се очекува тоа официјално да биде соопштено.
Во ковид-центарот „8 Септември“ има простор што може да се адаптира, но недостасува медицински персонал. Во оваа болница само завчера се примени 16 нови пациенти кои се во многу тешка здравствена состојба, а таму се лекуваат вкупно 103 пациентите со Ковид-19.
Директорот на болницата Христијан Костов вели дека капацитетите за згрижување на овие пациенти може да се зголемуваат со отворање нови оддели, бидејќи простор има, но треба да се најде уште персонал.
Добивме 16 медицински сестри, но тоа не е доволно, и само петмина интернисти, што е проблем, очекуваме уште најмалку пет. Капацитетот за згрижување на пациентите со ковид-19 може да се шири, но за тоа мора да се донесе и повеќе персонал. Отворивме уште два оддела, но имаме уште 20 слободни кревети – вели Костов.
Тој објаснува дека гледајќи ја клиничката слика на пациентите што се примаат, не може да каже дека вирусот слабее.
Целиот текст на „Слободен печат“.