На првиот состанок на Заедничкиот интердисциплинарен комитет на експерти (ЗИКЕ) меѓу Македонија и Грција за историски, археолошки и образовни прашања одржан вчера, усвоени се Деловникот за работа и динамиката на идните средби, соопшти македонското МНР.
– Состанокот се одржа во пријателска атмосфера, во согласност со духот и принципите на Спогодбата од Преспа. Двете страни го усвоија Деловникот за работа на ЗИКЕ и се согласија за динамиката на идните состаноци. Согласно членот 8 од Спогодбата од Преспа, беше донесена заедничка одлука да се работи на отстранување на одредени референци во учебниците, коишто беа присутни во минатото – стои во соопштението.
Инаку и покрај тоа што премиерот Зоран Заев во четвртокот, на пратенички прашања во Собранието рече дека комитетот нема да почне со работа се додека не стапи на сила Договорот од Преспа, очигледно им се брзало да ги сменат учебниците за наредната учебна година.
– Договорот од Преспа е јасен во однос на тоа дека работата на комисијата ќе почне привремено, додека не стапи во сила договорот. Договорената привремена работа е резултат на познавањето на двете страни дека до тогаш, ќе треба да бидат донесени сите неопходни одлуки за веќе од следната учебна година, ниту еден учебник или помошен училишен материјал да не треба да содржи иредентистички/ревизионистички наводи, како што налага Договорот од Преспа – соопшти вчер грчкото МНР.
Амбасадорот Виктор Габер, кој го предводи македонскиот тим, пред три дена, за МИА најави дека состанокот ќе се одржи во Солун до крајот на оваа седмица.
Членови на Заедничкиот интердисциплинарен комитет од македонска страна, покрај амбасадорот Габер се професорите Далибор Јовановски, Никос Чаусидис, Људмил Спасов, Ана Чупеска-Станишковска, Фахри Рамадани и Кица Колбе.
Од Грција, пак, во комитетот што го предводи заменик министерот за надворешни работи, Маркос Боларис, членовите се во најголем дел професори од солунските универзитети. Од Универзитетот „Аристотел“ во Солун се професорите Спиридон Сфетас, Јаковос Михаилидис и Атанасиос Лупа од Катедрата за историја и археологија. Професорот Николаос Заикос, е од Катедрата за балкански, словенски и источни студии на солунскиот Универзитет „Македониа“. Додека, пак, останатите членови се професорката Александра Јоаниду од Катедрата за руски јазик и филологија и словенски студии на атинскиот универзитет „Каподистриан“ и Ефтимиос Харлавтис, од Директоратот за земјите од Југоисточна Европа во грчкото МНР.