Македонија 03. август 2018. / 09:43

Илинден 2018, пораки за и против референдумот

Илинден 2018, пораки за и против референдумот

Претстојниот референдум и Договорот со Грција беа доминантни во говорите на државниот врв на чествувањето на Денот на Републиката – 2 Август Илинден.

Претседателот на Владата Зоран Заев од Пелинце и претседателот на Собранието Талат Џафери од Скопје испратија пораки дека  тоа е единствениот пат до стратешката цел – европска и напредна Македонија.

Претседателот на државата Ѓорге Иванов, пак, од Крушево критикувајќи го Договорот рече дека тој е резултат на славољубие и повтори дека нема да го прифати. За лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, повиците на Владата за сплотеност и обединост се само зборови, а делата се сосема поинакви.

Премиерот Заев ги повика граѓаните да излезат на референдумот на 30 септември и да кажат „да“ за идните генерации и за иднината на Македонија. Договорот со Грција, рече тој, е патриотски и со него се зачувуваат македонскиот идентитет, јазик и државјанство. Според премиерот, нема подобар начин да им се одолжиме на борците од минатото,  освен со продолжување на нивните храбри чекори. Време е, рече, Македонија да направи историја, забрзано да продолжи на патот кон посветла иднина.

– Одговорот на таа шанса треба да го дадеме заеднички, никој место нас нема да донесе одлука. Имаме историска шанса Македонија да ја извелечеме од долгогодишната криза и да ги решиме длабоките проблеми. Светот едногласно ја поддржува новата политичка страница на Македонија која води кон квалитетен живот на сите во земјата…. Уверен сум дека граѓаните ќе го направат вистинскиот избор, дека ќе го избереме патот што води напред…  Доста е небиднина, ќе избереме иднина, време е за иднина наместо небиднина. На 30 септември ќе ги одбиеме мракот, криминалот, незивесноста и изолацијата, истакна претседателот на Владата од кумановско Пелинце.

И претседателот на Собранието Талат Џафери од пред споменикот на Методија Андонов-Ченто во Скопје ги повика граѓаните и опозицијата да поддржат исполнување на Договорот со Грција за името.

– Веќе е добиена поканата за полноправно членство во НАТО и имаме конкретен датум за почеток на преговорите за полноправно членство во Европската Унија. Сега сите  ние како граѓани сме пред уште една голема и можеби судбоносна одлука. Дали ќе продолжиме напред кон евроатлантското интегрирање на земјата или, пак, ќе заглавиме на слепиот балкански колосек кој не не води никаде е наш избор, истакна Џафери.

Шефот на државата Ѓорге Иванов во својот говор од Мечкин Камен го повтори ставот дека е против Договорот од Преспа  и рече дека ниту еден поединец од ниту една генерација нема право да тргува со името и иднетитетот.

Ја обвини Владата дека го заобиколува за ова прашање, но верува, рече, дека народот е доволно зрел и мудар да ја одбере својата иднина. Според Иванов, македонските граѓани се сплотени околу идејата за членство во ЕУ и НАТО, но таму сакаат со своето име, достоинство и чест. Денешната ситуација ја спореди со онаа од пред 20 години кога тогашната влада го призна Тајван.