После заборавот или после избегнувањето да се интонира химната на Република Македонија, мислам дека нема човек во оваа земја кој се чувствува добро, рече денеска кадидатот за претседател на Македонија, Гордана Силјановска Давкова во обраќањето пред неготинчани.
Силјановска Давкова не верува дека тоа е случајно, ниту дека причината е во доцнењето на авионот.
-Не, во доцнењето или непостоењето на патриотизмот лежи причината. А, патриот мора по дефиниција да биде некој кој извира од вас или кој води сметка за вас, за нас. Тие луѓе како да се срамат од химната. Тие се плашат всушност да ја испеат химната. Зошто? Затоа што во нашата химна е нашата историја, нашиот идентитет, нашето минато, ама и нашата иднина.
Се лажат ако мислат дека со заборавот да ја интонираат химната која е основниот симбол на Република Македонија дека ќе го удоброволат гостинот од Грција. Не, никој не ги почитува оние кои не се почитуваат себеси. Никој не ги почитува оние кои забораваат да бидат патриоти.
Чувен е грчкиот патриотизам, ама глеткава овде зборува и за македонски патриотизам. Додека сте вие овде и додека сме ние живи, химната ќе биде со нас. Се разбира, тие може нема да ја интонираат ама идната претседателка на Република Македонија нема да застане пред ниту еден странец, ако прво не ја чуе химната на Република Македонија, порача Силјановска Давкова.
Силјановска Давкова порача дека срамота е да заборавиме дека химните неслучајно се создавале.
-Тие секогаш одела рака под рака со државата Македонија. Никој не се запрашал, никој не споменал, никој не помислил на АСНОМ дека некоја друга песна може да биде нашата химна. Никој! Тоа е песна на нашите партизани, тоа е песната на оние кои умирале за Македонија. И замислете сега ние доживеавме оној кој што треба да се колне во химната зошто таа е за Македонија, да ја заборави. Сигурно се чуди дури и господинот Ципрас, каков ли е овој премиер кој сè му исполнува што ќе побара, па дури и да не ја интонира химната за да не го навреди, вели Силјановска Давкова.