Македонија 17. ноември 2020. / 15:55

И покрај бугарското вето, Рот ја стави на дневен ред и точката за проширувањето

И покрај бугарското вето, Рот ја стави на дневен ред и точката за проширувањето

Иако е извесно дека ЕУ денеска нема да даде зелено светло за одржување на првата Меѓувладина конференција со Македонија, Германија, како актуелен претседавач со Унијата, сепак ја стави на дневен ред и дискусијата за проширувањето.

Седницата на Советот за општи работи на ЕУ (министри за надворешни работи и Европа на земјите-членки), ја води германскиот министер за Европа Михаел Рот, објави Дојче веле.

-Ќе ги информирам моите колеги за процесот на проширување со Македонија и Албанија. Уште на почетокот на годинава одлучивме да ги започнеме преговорите со двете земји. Основен интерес на ЕУ е во најбрз можен рок да започнат преговорите со Меѓувладина конференција. Се надевам дека сите земји членки ќе се согласат со оваа цел и ќе бидат подготвени прагматично и солидарно да работат за нејзино остварување. Проширувањето не смее да биде заложник на билатерални барања на одредени земји-членки – порача Рот.