Македонија 30. јуни 2020. / 10:58

И официјално збогум СЈО, добредојде за обвинителите под капата на Заев

И официјално збогум СЈО, добредојде за обвинителите под капата на Заев

Од денеска стапува во сила новиот Закон за Јавно обвинителство, што беше донесен во февруари годинава пред самото распуштање на парламентот. Со тоа, и официјално завршува инстотуционалното постоење на Специјалното јавно обвинителство, а борбата против криминалот и корупцијата преминува во рацете на обвинителите, кои пред „Шарената револуција“ беа етикетирани како „маши на власта“, а сега се длабоко пикнати под капата на екс-премиерот и лидер на владејачкиот СДСМ, Зоран Заев.

Зашто, наспроти сите најави за борба против криминалот и корупцијата и спречување на неказнивоста на носителите на високи државни функции, се се враќа на старо, а од долго очекуваните реформи во правосудниот систем не се стигна ни до „р“. Ова дотолку повеќе што зборот реформи и натаму останува составен дел на извештаите на сите меѓународни институции и организации, кои го оценуваат напредокот на Република Македонија на патот кон почеток на преговорите за членство во ЕУ, а што, се покажа, нема допирни точки со геостратегијата за членство на Македонија во НАТО.

Донесувањето на Законот за јавно обвинителство не беше услов поставен од ЕУ за почеток на преговорите. Но, манифестирањето голо политичко насилство од страна на владејачкото мнозинство, наспроти укажувањата на експертската јавност за низа слабости и пропусти во него, беше основна причина што тој не беше усвопен со општ политички консензус.

Главната забелешка и на експертите и на опозициската ВМРО-ДПМНЕ беше насочена кон спорниот член 110. Според нивните укажувања, токму во овој член се крие обид за амнестија на функционери од власта, зашто со него се предвидува прислушувани разговори да не можат да бидат основа за подигнување обвиненија, туку тие да служат само како индиции за сторен криминал. Како исклучок од ова останаа предметите на „покојното“ СЈО, што се покренати до 30 јуни 2017 година.

Сега останува да се види како ќе биде спроведено уништувањето на предадените во СЈО „бомби заевки“, кои го донесоа на власт Зоран Заев, а кои не се користат како докази или како индиции во покренатите случаи. Но, останува апсолутно непознато колку „бомби заевки“ беа предадени, зашто случајно или не, при примопредавањето не беше направен никаков официјален записник, што во пракса би можело да значи дека тие и натаму би можеле да се слушаат по разни канали или на социјалните мрежи.

Новата серија „бомби“, што речиси секојдневно се слушаат во изборната кампања, од кои некои се со максимално сериозни индиции за сторен криминал, Обвинителството одби да ги прифати како такви. Со тоа само потврди дека отворено се стави во одбрана на актуелната власт, наместо на страната на законот. Работите се повторуваат како фарса. Зашто, кога најповикан јавен обвинител за борба против организиран криминал и корупција јавно ќе признае дека му е непријатно на лица со дамки да им одземе телефони за вештачење, тогаш е повеќе од јасно дека не се тргнал од под капата на екс-премиерот Заев. За снимките од кои се доаѓа до ваков заклучок и да не се говори.

Неславниот крај на СЈО ги урна надежите на сите, кои веруваа во правото и правдата и во борбата против криминалот и корупцијата на луѓе од власта. Дека СЈО оди во погрешен правец беше јасно уште со селективниот приод во покренувањето на предметите. Но, дефинитивниот удар му го зададе алчноста на шефицата Катица Јанева.