Македонија

Хан: Верувам дека Македонија овој месец ќе добие датум за почеток на преговорите за членство во ЕУ

Хан: Верувам дека Македонија овој месец ќе добие датум за почеток на преговорите за членство во ЕУ

Еврокомесарот за проширување и добрососедска политика Јоханес Хан во интервју за МИА изразува верување дека Советот на ЕУ овој месец ќе и додели на Македонија датум за почеток на преговорите за членство.

Хан во интервјуто зборува за неговите очекувања од Советот на ЕУ, за тоа дали постојат ризици земјата да не добие датум за преговори, за напорите на ЕК да ги разубеди оние земји-членки кои се противат на тој процес, но и за внатрешната политичка состојба во земјата по објавувањето на договорот со Грција, односно за ставовите на претседателот Ѓорге Иванов и опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Го доживувате ли овој договор како личен успех делумно?

– Знаете во политиката не можете да очекувате дека во вашиот период на одговорност ќе се решат големи спорови, а ова е дефинитвно голем спор. Ако гледам каква беше ситуацијата во земјата во 2015 и каква е сега, три години, многу време помина и се промени на подобро.

Ова беше последната пречка за старт на преговори со ЕУ, дали сега можеме да очекуваме одлука на Советот за старт на преговори во јуни?

– Очекувам, ако се ова сега е потпишано и договорено, дека ќе има импакт во заклучоците на Советот и очекувам по препораката за преговори да почнат подготовките за старт на преговори.

Има ризик Советот да не определи старт на преговори?

– Ништо не можам да гарантирам стопроцентно. Секогаш сум многу внимателен кога треба да се вети нешто, но имам многу, многу добро чувство, а обично можам да им верувам на моите чувства.

Франција е една од земјите кои се најнегативни кон проширувањето, што правите како Комисија да ги убедите?

– Не е само Франција и Холандија, многу луѓе во Европа и ова нема врска со проширувањето, сметаат дека Унијата и институциите треба да се адаптираат на бројот на членки. Во тој поглед, не е важно дали сме 28 или 32, начинот на носење одлуки во ЕУ не соодветствува со предизвиците со кои се соочуваме на глобално ниво. Луѓето веруваат дека треба да се адаптираме и да смениме некои процедури. Затоа Комисијата наесен ќе предложи список на области каде може да преминеме од едногласно одлучување кон мнозинско одлучување. Некои сметаат дека треба прво да ги направиме внатрешните реформи, но јас велам дека тоа треба да оди паралелно. Но сево ова направи позитивен притисок на двете страни, на кандидатките, за кандидатски теми.

Тој предлог за носење одредени одлуки со просто мнозинство отколку едногласно се однесува ли на теми поврзани за проширувањето?

– Комплицирано е малку од правна гледна точка за да навлегуваме во детали, но доколку земјите членки се согласат за одредени области да преминат на мнозинско одлучување, би било можно мислам за работи како договор за бенчмаркс, отворање бенчмаркс и слично. Бидејќи за време на преговарачкиот процес има околу 150-200 одлуки кои треба да се донесат едногласно, а тоа е… со мојот тим поминуваме третина од времето во убедување на една или две земји, кои ставаат вето врз нешто, да го прифатат тоа што го договориле другите 26-27 земји без многу долги разговори. Се надевам дека ќе се смени нешто.

Да преминеме на внатрешната состојба во Македонија. Претседателот нагласи дека договорот е штетен и најави дека нема да го потпише. Кој е вашиот коментар?

– Не е соодветно за претседател на држава, да одбие да разговара со премиер, со министер за надворешни, за да добие информации од прва рака. Мислам дека премиерот и министерот за надворешни целосно ги почитуваа уставните насоки и можам само да го повикам итно претседателот да преземе одговорност. Ова не е прашање на прифаќање, но во демократија може да очекуваме да се слушаат луѓето меѓусебно и да дискутираат и не треба да се заборави дека шеф на држава е на некој начин модел за многу луѓе во една земја, претседателот како директно избран има специјална позиција и одговорност и треба да е свесен за ова, инаку и наштетува на фунцкијата.

Лидерот на опозиција се изјасни против договорот и рече дека ќе гласа против на референдум, што ако го блокираат договорот?

– Мојата порака до опозицијата е дека таа треба внимателно да го простудира договорот, треба да дискутира со Владата, зборуваме за тема која е од национален интерес, има непосреден ефект врз иднината на земјата и нејзината евроатлантска перспектива. Тоа не беше мала пречка, тоа беше планина и сега таа е отстранета. Се разбира не сакам да го проценувам исходот на овој договор, но таква е природата на преговорите и на компромис, секој треба да отстапи, но генерално се чини дека исходот е доста поволен за вашата земја. Но уште еднаш, ова треба да биде проценето од сите, мое скромно барање е дека секој треба да е свесен за историската димензија и долгорочниот импакт врз развојот на оваа земја и условите на живот и можностите за нејзините граѓани.

Треба ли, или требаше ли, Владата да биде поинклузивна кон опозицијата во овој процес?

– Морам да кажам дека не знам, бидејќи се е многу свежо, не знам како комуницираа на внатрешен план. Секогаш е позитивно да се вклучат клучните играчи најрано што е можно. Знаете имаме слична дискусија меѓу Европската комисија и Европскиот парламент во кој момент треба да се информира Парламентот? Ние велиме дека во тековни преговори ако разменуваме драфтови не можеме за секој драфт или промена да информираме, но кога има резултат мислам дека премиерот, ако не се случило, треба да ги информира. Затоа и жалам за реакцијата на претседателот, кога премиерот сакаше да го информира од прва рака, лично… уште еднаш ова не беше во ред.

Знам дека сте политички неутрален како комесар, но сепак сте член на Европската народна партија, оваа партија за сега не го поздрави договорот, а знаеме дека опзициските партии во двете земји и припаѓаат на оваа политичка група. Може ли ЕПП на некој начин да го олесни процесот?

– Навистина морам да направам разлика со мојата функција на потпретседател на ЕПП. Ако јас сум вложен како комесар во нешто се воздржувам од заземање политички став за нешто, разберете ве молам. Но, од друга страна во постојан контакт сум со претседателот за оваа тема, а тој е во постојан контакт со лидерите на опозицијата, и некогаш е подобро некои работи да се разговараат тет е тет, бидејќи ова е работа која е национална и треба да биде видена како натпартиска работа и се разбира сите ние политичари ги разбираме потребите на лидерите на опозицијата, но има очекување дека опозицијата ќе има конструктивна улога. Овде би рекол дека новоформираната опозиција во Скопје веќе покажа кооперативност и конструктивност и ако го земам последниот Жан Моне дијалог, тоа беше прв доказ дека на парламентарно ниво има заложба. Сите треба да научиме, никој не е совршен, некои работи бавно одат. Способноста за компромис сеуште не е целосно развиена во регионот, да се разбере дека компромис не е стигма на губитник, туку е реалноста во демократска структура.

Процедурално, ако процесот се одвива по план и ако Советот даде зелено светло, како ќе се одвиваат сега работите? Кога може Македонија да очекува да започне да преговара со ЕУ?

– Ако добиеме зелено светло, ќе се фокусираме на нашата нова методологија, ќе поченеме со поглавјата 23 и 24 кои се однесуваат на владеењето на правото. Почетокот на овој процес за скрининг ќе се занимава со проценувањето на состојбата со владеењето на правото и врз основа на тоа ќе предложиме одредници за отворање на поглавјето и тоа така оди.

Како и дали ќе им се смени животот на граѓаните кога ќе започнат преговорите?

– Конректно можам да ви кажам дека кога го отворивме првото поглавје со Србија тоа предизвика меѓународен инвестициски бум, не само европски, туку меѓународен.

Компаниите одлучија да одат во Србија, да отворат, да купат, бидејќи се чувствуваа многу поисигурно од правна гледна точка. Бидете сигурни дека исто ќе биде со вашата земја. Привлекување странски инвестиции значи создавање работни места. Но исто е и прашање на комуникација. Сакам да побарам од политичарите да ја направат врската меѓу инвестициите и стартот на преговори, зголемувањето на инвестиции не паѓа од небо, туку е резултат на напредокот во однос на ЕУ аспирациите, тоа би било важно да се биде фер и во наш интерес е да објасниме зошто има инвестициски бум.