Еврокомесарот Јоханес Хан не сака одново да ги подгрева надежите дека е можно Европската унија наскоро да донесе одлука за почеток на пристапни преговори со Македонија и со Албанија. Факт е дека до Самитот во Загреб во мај работите мора да бидат расчистени, но не би сакал да шпекулирам дали одлука ќе се донесе на Европскиот совет во март, вели комесарот Хан во разговорот со новинарот од „360 Степени“.
–Беше интересно и за оние што беа критични и ставија вето, да ја видат меѓународната реакција, која беше јасна и едногласна реакција – сите рекоа дека станува збор за огромна грешка со далекусежни последици, ако не се промени. Секако, за политичарите не е секогаш лесно веднаш да го променат мислењето, но мислам дека се предизвикаа одредени рефлексии и ние сме подготвени да помогнеме и да најдеме решение зашто огромен дел од земјите-членки, поточно најмалку 25, се за „зелено светло“ за почеток на пристапни преговори – вели Хан.
На прашањето што може да се очекува од претстојниот состанок на Советот за општи работи на ЕУ закажан на 19 ноември и ако се земе в предвид дека Италија вели дека притиска и дека ќе има вонредна дебата за прашањето за проширувањето, Хан рече дека не е сосема сигурен дека ќе биде баш така.
–Знам дека има одредени дипломатски обиди, но има и одредени земји-членки кои мислат дека ова би било преурането. Добро е што прашањето останува на агендата, што за него се дебатира, што има состаноци меѓу амбасадорите во Брисел, но и во Европскиот парламент и што оваа тема се „држи во живот“ што значи дека треба да најдеме решение пред Самитот за Западен Балкан во Загреб – истакна Хан.
Целиот текст можете да го прочитате ТУКА.