Македонија 28. септември 2018. / 15:09

Хан до македонската делегација: Пред вас е макотрпна домашна задача

Хан до македонската делегација: Пред вас е макотрпна домашна задача

Пред Македонија е макотрпна домашна задача во сферата на правосудството, борбата против корупцијата и човековите права, порача Еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан.

Сумирајќи го дводнениот состанок со македонската делегација во рамките на првиот скрининг процес. Ова е процес за инвестирање во иднината, кој треба да резултира и со пренесување на 160 илјади страници европски закони во македонското законодавство, појасни Хан во Брисел. Прашан дали Македонија следната есен може да се надева на одржување на меѓувладина конференција, што практично значи и формален почеток на преговорите, тој вели.

-Да, мислам дека е реално, но имаме многу амбициозен патоказ и не можеме да губиме ниту ден за да ги постигнеме нашите цели. Немам конкретни датуми на ум, но досега сум задоволен со процесот што е направен. Но, останува многу работа да се заврши до следното лето, изјави Јоханес Хан, еврокомесар за проширување

Европската Комисија во Брисел два дена ја анализираше крвната слика на Македонија од сферата на поглавјето 23, посветено на правосудството и фундаменаталните права, кое поради обемноста и компексноста најчесто се отвора прво и се затвора последно во текот на преговорите. 40-члена македонска делегација слушаше и учеше од европските експерти, како да го примени европското право.

-Ова е процес, кој ќе ги зајакне реформите, кои се неопходни еден ден да станете членка на големото европско семејство. Ова е процес, кој ќе донесе подобри промени во вашите земји и ќе обезбеди конкретни придобивки за вашите граѓани, преку нови работни места, перспективи и ќе го гарантира владеењето на правото за секој граѓанин, изјави Јоханес Хан

Вториот состанок од маратонскиот скрининг процес за Македонија продолжува за два месеца и ќе биде посветен на поглавјето 24 „правда, слобода и безбедност“. Предвидено е македонски делегации во Брисел да одржат уште 32 состанока, колку што има поглавја во преговорите со Унијата. Овие средби се одржуваат заедно со албанска делегација, поради фактот што двете земји во јуни добија условен датум за старт на преговорите.