Новинарот од ТВ24, Един Хајдарпашиќ, жестоко реплицираше на претседателот на Здружението на новинари на Македонија, Насер Селмани и на министерот без ресор, задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски, на јавната трибина по повод светскиот ден на слобода на медиумите.
Хајдарпашиќ жестоко зборуваше за состојбата во медиумите и за ниските плати на новинарите.
-Лицемерно е господине министер, господине Насер Селмани. Од која страна сте господине Насер Селмани? Од наша или нивна. Се борите за правата на новинарите или за проекти?, запраша новинарот и додаде дека лицемерно е да се зборува за слободата на медиумите кога истите во Македонија се во дупка.
-Со која плата, со кои услови зборуваме за слобода на печат?, додаде Хајдарпашиќ.
Инаку вчерашниот настан во организација на ЗНМ, на кој беше присутна и делегацијата на Европската Унија и амбасадата на САД, беше поддржана од кабинетот на министерот Роберт Поповски.
-За оваа Влада не постои никаква толеранција за никакви притисоци, закани, уцени врз новинарите и медиумските работници. Нула толеранција за било каков обид за загрозување на слободата на говорот и изразувањето. Многу јасно и отворено ги осудивме сите напади што се случија во изминатиот период, рече министерот на трибината.