Првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби денеска имаше средба со австрискиот амбасадор Георг Вуцас на која биле високо пофалени политичките односи меѓу С. Македонија и Австрија, а исто така и економската соработка.
Како што се наведува во соопштението од неговиот Кабинет, Груби го извести австрискиот амбасадор дека тој и неговиот тим ќе се грижат за кохезијата во владината коалиција и дека тој ќе биде координатор на политичките ресори во Владата, вклучувајќи и усогласувањето на позициите меѓу коалициските партнери и одржувањето на консензусот.
– Груби исто така му пренесе на амбасадорот Вуцас дека патот до неселективна правда и владеењето на правото може да се постигне само преку целосна транспарентност и преку ветинг на јавните службеници, судиите и обвинителите, се наведува во соопштението.
Амбасадорот Вуцас му рекол на Груби дека Република С. Македонија треба да вложи максимални напори за што е можно поуспешно справување со состојбата со вирусот КОВИД-19 со цел да се врати што е можно побрзо нормализирањето на граничните премини.
– На крајот на состанокот, заеднички беше заклучено дека напредокот на земјата, особено во делот на европската интеграција, бара многу одговорно однесување од сите нас, со цел што побрзо започнување на разговорите со Европската Унија, се посочува во соопштението од Кабинетот на првиот вицепремиер.