Македонија 04. јуни 2020. / 14:18

ГРОМ: Забраната за посета на гробиштата е кршење на човековите права и верските слободи

ГРОМ: Забраната за посета на гробиштата е кршење на човековите права и верските слободи

Од партијата ГРОМ реагираат на одлуката на граѓаните да им се забрани посета на гробиштата за Задушница со што се кршат нивните човечки и верски права.

Од партијата истакнуваат дека е недозволиво во исто време министерот за здравство Венко Филипче и Комисијата за заразни болести предводена од Жарко Караџовски, да се фалат дека знаат кои и каде се кластерите на заразени, а да воведуваат полициски час и забрана за посета на гробиуштата и таму каде што нема заразени.

ГРОМ ги повикува членовите на Владата а особено министерот Филипче и политичарот Жарко Караџовски да прошетаат пред маркетите, пазарите и пред банките за да видат каков хаос создадоа ова утро. Редиците на граѓаните кои ќе купуваат намирници за наредните четири дена уште повеќе ќе се зголемат во попладневните часови. Тоа значи опасноста од заразување од Ковид-19 наместо да ја намалуваме со овие редици уште повеќе ја зголемуваме.

ГРОМ не може да се изначуди на владините мерки за забрана на посета на гробиштата. Ваква мерка не превземале ни Османлиите за време на петипол вековното ропство. Бараме сите градови и населени места кои не се заразени од „Kоронавирусот“ да немаат полициски час и да може да се посетуваат гробовите на најмилите починати за Задушница. Господинот Караџовски, колку што сме информирани, знае каде се заразените кластери и инсистираме тие да бидат во карантин, а останатиот дел од граѓаните слободно да ги обавуваат своите секојдневни функции. Ако Владата уште во текот на овој ден не ја преиспита оваа мерка ГРОМ ќе смета дека се нарушени човековите права на граѓаните од христијанска вероисповед и истите мерки се флагрантно кршење на верските обичаи, права и слободи загарантирани со сите меѓународни конвенции и дискриминација по верска основа од најгруб облик.

ГРОМ сочувствува со Владата дека е тешка ситуацијата и дека не се снаоѓа најсоодветно но, и овие мерки што ги предвидува не придонесуваат до смирување на епидемијата туку напротив го зголемуваат ризикот од загрозување на здравјето на граѓаните – реагираат од ГРОМ.