Македонија 18. февруари 2019. / 17:33

Tрипуновски: Власта го клекна земјоделието на колена, над 60.000 тони јаболка во Преспа неоткупени

Tрипуновски: Власта го клекна земјоделието на колена, над 60.000 тони јаболка во Преспа неоткупени

Власта го клекна земјоделието на колена. Над 60 илјади тони јаболка во Преспа стојат во магацините неоткупени. Почнува новата сезона, а земјоделците не знаат што да прават со родот од претходната година, изјави на прес-конференција, Цветан Трипуновски од ВМРО-ДПМНЕ.

-До крајот на откупната сезона остануваат уште 2 месеци, невозможно е да се откупи целата количина од 60 илјади тони за 60 дена, што е премногу извесно е дека илјадници тони ќе останат да скапуваат во магацините. Годината која што помина ќе остане запаментена како најлоша година за јаболкарите во ресенско, пласман немаше, а револтирани јаболкарите сечеа овоштарници во најдобрите години и корнеа цели плантажи, рече Трипуновски.

Додаде дека илјадници семејства чија единствена егзистенција било земјоделието се соочени со сиромаштија и не знаат како да се организираат за претстојната сезона.

Затоа Владата, како што рече Трипуновски, наместо празно политизирање мора веднаш да ја врати интервентната мерка од 3 денари и да им помогне на јаболкарите.

Опозицијата порача дека очекува итни мерки, оти земјоделците имаат потреба од реална помош.