Станува се поинтересно во македонско-грчките бизнис и политички односи, откако Грција пред некој ден ја купи енергетската компанија ЕДС на Кочо Анѓушев, сега Грција ќе ја продава Hellenic Petroleum, кој е сопственик на македонската рафинерија Окта.
Имено грчкиот државен фонд Hellenic Republic Development Fund (HRADF) вчера објави меѓународен тендер за продажба на мнозинскиот удел во нафтената рафинерија Hellenic Petroleum, која преку компанијата Elpet Balkaniki е сопственик и на најголемиот играч во нафтениот бизнис во Македонија, Окта.
Во соопштението за јавност, Фондот објави дека планира да продаде најмалку 50,1% од рафинеријата Hellenic Petroleum, согласно договорот потпишан меѓу двата најголеми акционери –компанијата Paneuropean Oil (Latsis Group) и грчката Влада која поседува 35,5%.
Hellenic Petroleum e 100% сопственик на Elpet Balkaniki, која, пак, поседува 81,5% од акциите во Окта. Акционер во Окта, со сопственост на 10,87% од акциите е и македонскиот нафтен дистрибутер Пуцко Петрол, а 7,62% од акциите поседуваат вработените во компанијата.
Окта е најголем снабдувач со нафтени деривати во Македонија, која покрива околу 60% од потребите на пазарот преку мрежа од 25 сопствени бензински пумпи.
До 2013 година Окта произведуваше и горива во земјава, но оттогаш компанијата премина само кон трговија со нафтени деривати.
Hellenic Petroleum, преку Elpet Balkaniki исто така е сопственик и на 80% од компанијата Vardax, која беше формирана во 2002 година со цел изградба на нафтоводот Солун-Скопје, компанија во која сопственик на 20% од акциите е Владата на Македонија.
Заинтересираните инвеститори треба да достават понуди најдоцна со 18 мај годинава.
Во исто време, пред неколку дена, грчката државна енегретска компанија (ППЦ), го одобри купувањето на македонската компанија за трговија со струја, ЕДС Групација, која е сопственост на вицепремиерот на македонската Влада, Кочо Анѓушев. Грците соопштија дека ја купуваат компанијата за 4,8 милиони евра.
-Ова превземање е дел од меѓународната стратегија на грчката државна енегретска компанија за бизнис активности во Балканскиот регион, која се стреми да биде водечка сила во интеграција на енергетскиот пазар промовиран од страна на ЕУ -стои во соопштението на Грчката државна енегретска компанија (ППЦ)
Според Грчката државна енегретска компанија (ППЦ), ЕДС групацијата во моментов обезбедува електрична енергија на големите индустриски произведувачи и бизниси и обезбедува 320 Мегавати електрична енергија до нив.
ЕДС групацијата исто е активна на пазарот за струја на домаќинства во Србија каде ги снабдува со 10 мегавати електрична енергија.
Грчката државна енегретска компанија (ППЦ) е најголем производител и снабдувач во Грција со околу 7,4 милиони потрошувачи.
Анѓушев ја продава компанијата за оваа сума, токму во периодот кога се интензивираат преговорите помеѓу Македонија и Грција за промена на името.