Македонија

Граѓаните порачаа: Ќе направиме жив штит против промена на името

Граѓаните порачаа: Ќе направиме жив штит против промена на името

„Да направиме жив штит преку кој нема да помине никакво преименување на државата“

„Дојдовме заедно за да бидеме дел од живиот штит преку кој не ќе смее да помине и нема да помине никакво преименување, никакво прекрстување, никакво обезличување. Зашто преименувањето води кон големо ништо. Да направиме жив штит за името, за идентитетот, кој од колено на колено се предава на генерации“, порачаа учесниците на вечерашниот протест пред Собранието „за одбрана на името на државата Македонија, идентитетот на македонската нација и за ослободување на неправедно притворените и обвинети за настаните на 27 април 2017 година“, во организација на македонската координативна мрежа СУМ – Сите за унитарна Македонија. Тие порачаа дека ова е последно предупредување пред организирање граѓанска непослушност поради притворањето на обвинетите за настаните од 27 април.

„Не е срамно ако умреме до еден, но голем срам е ако останеме без нашето име, од кое уште се плашат како од чума“, порачаа учесниците на протестот.

„Дојдов овде повикан од гневот однатре од сè она што денес го прават неколкумина поданици, безрбетници, неколкумина платеници среброљупци и еврољупци, предавници на родот, на јазикот и на крстеното име – библиска Македонија. Дојдов заедно да го кренеме нашиот глас за да чујат и да видат сите, сите да знаат дека оваа земја не е само оваа земја – туку држава со сите нишани, држава на еден исконски народ, суверена Република Македонија“, рече Димче Донески.

Учесниците на протестот медијаторот Метју Нимиц го нарекоа „излитен и истрошен дипломат, кој долги 27 години се храни и црпи од нашето достоинство и пари“.

„Господине Метју Нимиц, ти благодариме доволно. Тенкју и веќе претенкју. Ти порачуваме, твојата мисија е јалова. Мисијата твоја и на твоите ментори е неуспешна и ќе остане јалова, затоа послушај го гласот на непокорниот Македонец и врати се во седиштето на ОН и кажи им го тоа на твоите ментори. Кажи им дека дојде часот да кажат збогум ФИРОМ и добре дојде за Република Македонија“, рече Донески.

Како што информираа учесниците на протестот, поддршката од 32 илјади граѓани им го одзеде правото на политичарите да решаваат за промена на името за идентитетот и за воведување на двојазичноста. Досега, според нив, 17.500 лица ја потпишале петицијата за неменување на името Македонија.

Македонската координативна мрежа СУМ – Сите за унитарна Македонија, ја сочинуваат повеќе организации, како: „Македонски манифест“, „Преродба“, „Став“, „Код“, „Ние, наши, христијанско братство“, „Тврдокорни“, македонското патриотско здружение „Васил Чакаларов“, „Бригада“, Македонско патриотско здружение „Пере Тошев“ – Прилеп, Граѓанска иницијатива за одбрана на името Македонија и ослободување на неправедно притворените „Вевчани“ – Вевчани, граѓанските иницијативи за одбрана на името Македонија и идентитетот на македонската нација од Охрид, Битола, Велес, Кочани, Штип, Кавадарци, Мислешево.

Помина една година од обидот за срамно и шверцерско рекомпонирање на власта и уставно-правниот поредок на Република Македонија според таканаречената тиранска платформа. Ги повикуваме сите државјани во Македонија и од македонските заедници во светот, што искрено ја сакаат Македонија, заедно да застанеме под едно знаме, да застанеме под еден дух – духот на нашите знајни и незнајни херои, да застанеме зад едно и единствено име – Македонија. И покрај разликите меѓу нас Македонците, само Македонија е нашиот заеднички именител, само Македонија е нашиот заеднички содржател! Со Македонија нè има, без Македонија ќе исчезнеме сите заедно! На 26 април 2018 година сите Македонци, по род и државјанство, заедно, громогласно, да кажеме дека сме за една и единствена, заедничка и унитарна Македонија! Сите Македонци еден за друг!, се велеше во повикот за протест.

ФОТО: А1он